Во Битола наградени најдобрите волонтери за локален ангажман

Леонардо Соколов за волонтер поединец, Локален волонтерски сервис Битола за волонтерска програма и хуманитарната организација „Свети Спас“ за волонтерска организација се овогодишните добитници на наградата за волонтерски ангажман во локалната заедница за 2023 година, која се доделува по повод 5 декември – Меѓународниот ден на волонтерите.

Целта на доделувањето на наградата, како што посочуваат од Локалниот совет за волонтерство на општина Битола (ЛСВ) е да се поттикне и промовира волонтерството во Битола, да се зголеми видливоста на волонтерите и позитивните волонтерски практики и да инспирира понатамошно унапредување и развој на волонтерството на локално ниво.

Претседателот на ЛСВ Златко Талевски даде детално образложение за добитниците на наградата.

„Хуманитарната организација ,,Свети Спас” се истакнува како пример на волонтерство и хуманост во нашата заедница. Под нивната грижа, голем број на социјално загрозени семејства добиваат неопходна помош, храна и поддршка во цела Република, а во Битола моментално се грижат за повеќе од 20 семејства. Во дополнение, нивната активна улога во обновувањето на домовите на овие семејства има значаен придонес за подобрување на квалитетот на живот како последниот проект во с. Барешани каде се гради и обновува куќа на семејство. Оваа организација, во Битола ја предводат Владо Јошевски и Зоран Јосифовски, а со несебичната поддршка и водство на отец Оливер, континуирано и со посвета работи за заедницата и семејства во Битола. Леонардо Соколов – волонтер за заштита на животните и животната средина. Леонардо се бори за правата на животните во Општина Битола и секојдневно спасува бездомни животни на кои им е потребна помош и кои се во загрозена животна состојба. Леонардо е пример за неговите врсници како може да се искористи слободното време ефективно и да се даде личен придонес во подобрување на условите за живот во локалната зедница преку волонтирање“, посочи Талевски.

„Локален волонтерски сервис Битола – програмата претставува организиран облик на општествена партиципација којшто вклучува млади луѓе од Битола на возраст од 16 до 29 години. Во имплементацијата на програмата беа вклучени вкупно над 200 волонтери. Идејата за формирање на ваков сервис е да се стимулираат волонтерски активности и да се зголеми бројот на млади кои ќе се вклучат во доброволна работа во локалната заедница, во текот на целата година. Во текот на 2023 беа реализирани 5 волонтерски акции и тоа Омразата на битолските ѕидови – уметничка интервенција со цртање на мурали за покривање на говор на омраза, кампања против врсничко насилство, промоција на зелена урбана мобилност за користење на велосипеди (поставување на 8 паркиралишта за велосипеди) и донација на велосипеди, волонтерски акции за чистење и за рециклирање во околината на Битола (Смолево и Тумбе кафе)“, додаде Талевски.