Прво Меѓународно биенале на минијатурни графики и цртежи во Битола

Во среда (15 ноември) од 20 часот во Културно-информативниот центар – Битола ќе се отвори првото Меѓународно биенале на минијатурни графики и цртежи – Битола 2023.

На биеналето ќе бидат изложени над 700 дела работени во речиси сите графички техники, како и во скоро сите техники за изработка на цртежи: од јаглен па се до акварел, акрилик, комбинирани техники и друго. Свое учество бележат околу 80 држави со над 400 автори.

Од КИЦ-Битола велат дека големиот одзив и бројот на присутните дела, ја позиционираат оваа ликовна, меѓународна манифестација во високо рангиран контекст, а за нејзино понатамошно презентирање веќе пројавиле интерес неколку ликовни центри.

„За обележување е и специјалното присуство, односно одбраните колекции на 50 автори од Кина, кои настапуваат како специфичен и авторски, кинески павилион, колекцијата на околу шеесетина автори од Италија, во избор и на истакнатата италијанска графичарка Валерија Бертесина. Присуството на најистакнатите полски графичари, една од најзначајните графички средини во светот. Како и големиот интерес на автори од скоро сите држави на Латинска Америка од Мексико, Бразил, Аргентина. Битола дефинитивно е светски ликовен центар, со што македонската култура воопшто, е претставена со истакнато значење и придонес од интернационален карактер“, велат од КИЦ-Битола.

За изложбата се подготвува обемен каталог кој што ќе биде доставен до сите учесници и институции, а ќе биде присутен и на интернет платформи на кои се позиционирани каталози и книги од овој вид.

Изложбата ќе биде поставена во Културен и информативен центар –офицерски, Битола, кој е и соработник на овој меѓународен проект.

Фотографии: КИЦ – Битола