„Урбани импресии“ – изложба на Дејан Макаријовски во КИЦ-Битола

Во Кристалната сала на КИЦ – Битола вечерва (3 август) со почеток во 20 часот ќе биде отворена изложбата на Дејан Макаријовски насловена „Урбани импресии“.

„Сликарството на Дејан Макријоски е своевиден стилски колаж низ кој што тој, се движи со лесни, брзи, прецизни потези, слободно, неоптоварен со некаков патетичен или претенциозен непотребен естетизам. Синтетизирајќи ги ликовните постапки со јасна визуелна поставеност, тој создава своевиден творечки фундус од чија повеќенасочна збирка, почнува да дестилира свој израз со специфична поетика. Ова, особено е видливо и присутно во негови “урбани пејзажи”, низ кои во контекстот на препознатливите урбани амбиенти, скоро без исклучок, поставува толпа од обезличени фигури – минувачи, осветлени од последните залези, сенки кои што градските “променади” ги претвораат во нејасен, кошмарен сон на отуѓеност, одалеченост, непрепознатливост, изгубеност во сивилото на опстанокот, наспроти колиристичката доминантност која е како почетна сценографија пред драмата на тешката и неизлечива густа ноќ.Неговите сенки, низ малиот сликовит град, се во некоја чудна корелација со изгубените сенки на метрополисот кај Родољуб Анастасов. Овој ликовен вовед е сериозен поттекст за развој на идна специфична и значајна ликовна драматургија…“, стои во ликовната критика на Владо Ѓорески.

„Оваа изложба и покрај тоа што ни претставува само мал дел од творечкиот опус на Дејан Макаријоски, успешно ја потврдува неговата љубов кон ликовното изразување. Разновидноста во темите и стиловите се внатрешен одраз на таа континуирана борба и потреба за докажување и надминување на самиот себеси. Тоа, вусшност е еден и од примарните начела на уметникот.  Значителниот обем и техничката реализација на делата  ја потврдуваат неговата посветеност, долготрпеливост и истрајност во овој макотрпен занает.  Овие дела на моменти како да пркосат на уметничките движења од почетокот на ХХI-от век, каде мануалноста при творењето често се исклучува или заменува со технолошките достигнувања и отвараат интерогативи во разни насоки. Несомнено сведочат дека патот во уметноста бара трудољубивост и избегнува дефиниции“, наведува во освртот кон изложбата Васко Ѓоргиев.

Изложбата ќе биде отворена до 9 август.