УКЛО – Битола стана првиот македонски универзитет кој се приклучи на европска универзитетска алијанса

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола (УКЛО) стана прв македонски универзитет кој е дел од Европска универзитетска алијанса, соопштија од Универзитетот.

Од УКЛО додаваат дека европските универзитетски алијанси им овозможуваат на новите генерации европејци да учат и работат во различни европски земји, на различни јазици, во различни сектори и во различни академски дисциплини. На тој начин студентите добиваат дипломи од комбинирани студии од неколку европски земји, што придонесува до меѓународна конкурентност на европските универзитети.

„Одобрениот проект е со вкупен буџет од повеќе од 14 милиони евра, од кои за УКЛО се 830.000 евра, а ќе се имплементира наредните четири години на целиот УКЛО, како во ректоратот, така и сите единици. Значајно е дека проектот ќе овозможи целосна дигитализација на процесите на УКЛО, како и заеднички студиски програми, размена на студенти и кадар во рамките на алијансата. Очекуваме овој проект, како најголем европски проект што се имплементирал на УКЛО (веројатно и еден од најголемите проекти кои се имплементирале на универзитетите во Македонија) во наредните четири години значително да го промени ликот на УКЛО“, велат од УКЛО.

УКЛО е прв и единствен македонски универзитет дел од европска универзитетска алијанса

Европската универзитетска алијанса во која членува УКЛО е наречена COLOURS – COLlaborative, innOvative, sUstainable, Regional UniverSities и во неа се вклучени универзитети од Шпанија, Италија, Германија, Франција, Полска, Хрватска и Литванија.

Повеќе за Европските универзитетски алијанси можете да прочитате на следниов ЛИНК.