Влада: Младинската работа ќе биде вклучена во активните мерки за вработување

На вчерашната владина седница беше разгледана информацијата од Работната група за приоритетот „Младинска работа“ со конкретни предлози, план/програма за работа и очекувани идни активности од страна на Владата и другите државни институции.

„На краток рок се предвидени низа активности чија реализација отвора можност младинската работа да биде вклучена во делот на активните мерки за вработување, кои нудат обуки за стручни квалификации во Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2019 година, како пилот обука“, информираат од Владата.

Националната стратегија за млади 2016-2025 на долг рок ќе ја регулира и ќе ја интегрира младинската работа во рамки на постојната законска регулатива, односно ќе се инкорпорира во Законот за млади, кој е во подготвителна фаза.

Покрај ова, на седницата била разгледана и прифатена информацијата за изменување и дополнување на Годишната програма за финансирање на програмските активности на националните инвалидски организации, нивните здруженија и нивната асоцијација, на здруженија за борба против семејно насилство и на Црвениот Крст на Република Македонија од приходите од игри на среќа и од забавните игри.

Министрите ги прифатија и измените на одлуката за распоредување на приходите од игри на среќа и од забавните игри за 2018-та година.

„Согласно годишната програма и согласно законските решенија ќе се финансираат дополнителни програмски активности во областа на детската и социјалната заштита на Црвениот Крст. Организацијата ќе обезбедува пансионски услуги за корисниците и волонтери за поддршка на реализација на проектот: „бесплатен одмор и рекреација на деца од семејства со социјален ризик, деца корисници на посебен додаток и други права, со цел придонес во подобрување на социјализација на деца од семејства со социјален ризик“, се вели во соопштението на Владата.

Црвениот Крст, исто така, ќе ги спроведува стратешките определби на организацијата на национално и локално ниво кои овозможуваат да се креираат програми за подобрување на здравјето на луѓето и унапредување на социјалната интеграција на населението во заедниците, воспоставување на семејни врски во случај на разделени семејства, промовирање на меѓународно хуманитарно право, како и унапредување на системот за подготвеност и дејствување при катастрофи.