Вкупно 40 години затвор за силувачите на 11-годишно девојче во Косово

Основниот суд во Приштина осуди четири лица, од кои тројца малолетни, на вкупно 40 години затвор за силување на 11-годишно девојче во Приштина во август минатата година, пренесува Радио Слободна Европа. Случајот предизвика протести во Приштина, Тирана, како и во Скопје, каде се одржа протестен собир на 1 септември на плоштадот Скендерберг, на иницијатива на активисти и невладини организации.

Обвинетиот Е.Р. е осуден за кривично дело силување на затворска казна во траење од 15 години во која е вклучено и времето поминато во притвор. Вториот, малолетникот Џ.С., судот го прогласи за виновен за силување и злоупотреба на деца во порнографија и е осуден на 8 години малолетнички затвор. Малолетниот Г.Р. е осуден на 9 години затвор за малолетници за силување, злоупотреба на деца во порнографија и помагање во извршување на кривичното дело силување.

Малолетниот Г.Ј е прогласен за виновен за силување и злоупотреба на деца во порнографија и осуден на 8 години затвор за малолетници. Обвинетиот Ш.К е ослободен од кривичното дело кое му се ставаше на товар.

Случајот во август минатата година доведе до протести за време на кои насобраните повикаа на заштита и безбедност на девојчињата и жените, како и казни за сторителите.

Во Косово, според податоците на полицијата, секоја година се пријавуваат десетици случаи на сексуално насилство. Кривичниот законик на Косово предвидува казни од две до 15 години затвор за силување и други сексуални напади.

[Фото] Протести во регионот против силувањето на 11-годишното девојче во Приштина