Данска ќе испрати 300 затвореници во Косово

Данска ќе изнајми затворски ќелии во Косово каде што ќе испрати 300 затвореници, соопшти данската влада, презентирајќи нов план за запирање на пренатрупаноста на нивните затвори, пренесува „Н1“.

Со проектот се планира да се „изнајмат 300 затворски места во Косово“ за да можат странците осудени на депортација да бидат испратени во Данска по отслужувањето на казната, се вели во соопштението на Министерството за правда.

Исто така со проектот се планира и зголемување на капацитетот на данскиот затворски систем за 326 места во периодот од 2022 до 2025 година.

Од 2015 година, бројот на затвореници во Данска се зголеми за 19 отсто, односно на повеќе од 4.000 луѓе на почетокот на годинава, што претставува стапка на пополнетост од 100 отсто.

Во истиот период, бројот на чувари се намали за 18 отсто во земјата со 5.8 милиони жители, позната по отворените затвори резервирани за затворениците кои отслужуваат казни помали од пет години.

Според Светската статистика на затворите (ВБП), составена од Британскиот истражувачки институт за кривична и судска политика, во Косово минатата година имало 1.642 лица во затвор, со стапка на пополнетост од 97 отсто.

Норвешка и Белгија претходно веќе изнајмија ќелии во Холандија каде што испраќаа затвореници.