Данска предложи забрана за купување цигари на лица родени по 2010 година

Данска објави дека планира да ја забрани продажбата на цигари и никотински производи за сите државјани кои се родени по 2010 година.

Целта на овој потег е да се спречи следната генерација Данци да дојдат во контакт со било каква форма на цигари, изјави министерот за здравство Магнус Хенике.

„Доколку е неопходно, ние сме подготвени да ја забраниме продажбата за оваа генерација (родени во 2010) преку постепено подигање на возрасната граница за купување“, додал Хенике.

Според сегашните закони, во Данска е забранета продажба на цигари и електронски цигари за сите лица под 18 години. Сепак, министерот вели дека околу 31% од луѓето на возраст помеѓу 15 и 29 години и понатаму пуши.

Според Хенике пушењето е водечка причина за рак во скандинавската земја, и предизвикува 13.600 смртни случаи годишно.

Според истражување на Данската асоцијација за рак, 64% од анкетираните го поддржуваат овој план за забрана за продажба на цигари на лицата родени по 2010 година. Меѓу оние на возраст од 18 до 34 години ваквата забрана ја поддржуваат 67% од нив.

Во декември Нов Зеланд објави дека постепено ќе ја забранува продажбата на тутунски производи од 2027 година, преку подигање на возрасната граница на која ќе може да се купат цигари.

Во Данска, владата предводена од социјалдемократите, истовремено сака да се справи и со употребата на алкохол меѓу младите. Властите планираат да ја подигнат возрасната граница за купување алкохолни пијалаци од 16 на 18 години.