Најголемиот песочен замок во светот изграден во Данска

Замокот е висок 21.16 метри, што го прави повисок за три метри од претходникот, велат од Гинисовата книга на рекорди.

Највисокиот песочен замок е изграден во Данска, а за изработката биле потребни точно 4.860 тони песок, пренесува „Гардијан“. Замокот потсетува на пирамида и се наоѓа на крајбрежјето на малиот град Блокхус.

Претходниот најголем песочен замок во светот бил изграден во Германија во 2019 година.

На врвот на замокот се наоѓа слика од коронавирусот. Холандскиот изработувач на песочниот замок, Вилфред Стијгер бил потпомогнат од 30 најдобри песочни скулптори. Тој изјавил дека сакал замокот да ја претставува моќта која коронавирусот ја имал врз светот од почетокот на пандемијата. Најгоре на замокот, коронавирусот е претставен како носи круна.

„Коронавирусот ги контролира нашите животи. Ни кажува што да правиме, ни кажува да се разделиме од семејствата и да не посетуваме интересни места. Ни кажува да не правиме ништо, туку да седиме дома“, изјавил Стијгер.

За да биде поцврст, замокот содржи 10 отсто глина, а по изработката е додатно зацврстен со слој од лепак, за да ја задржи структурата при ладното и ветровито време во есен и зима.

Локалните жители на Блокхус биле среќни што на замокот дополнително биле врежани и локални симболи како куќи на плажи и светилници, но и слики од локалните популарни активности како сурфање и летање на летала.

Се очекува замокот да ја задржи стуктурата до следниот февруари или март.