За 17 месеци во Нигерија биле силувани 11.200 жени, алармира „Амнести Интернешнл“

Невладината организација „Амнести интернешнл“ објави дека за 17 месеци во Нигерија биле силувани 11.200 жени, пренесува „Н1“. Во извештајот „Нигерија: Тажно патување, пристап до правда за жени и девојки кои преживеале силување“, подготвен од организацијата, се наведува дека насилството врз жените и девојките продолжува да се зголемува.

Во извештајот се наведува дека 11.200 жени биле силувани ширум Нигерија помеѓу март 2020 и август 2021 година.

Директорката на организацијата во Нигерија Осаи Оџиго рече дека овој проблем сè уште постои и покрај фактот што нигериската влада прогласи „вонредна состојба“ поради сексуално и родово насилство. Таа истакна дека најмногу случаи на силување се регистрирани во регионите Борно, Адамава и Џобе, каде што е активна терористичката група Боко Харам.

Таа исто така додаде дека не се преземени конкретни чекори за решавање на проблемот со силувањето во Нигерија.

Како што истакна таа, стравот од дискриминација резултираше со „опасна практика на молчење“ што ги спречува преживеаните од силување да бараат правда.

Повеќе од 20.000 луѓе загинаа од 2009 година во масовното насилство на терористичката група Боко Харам, која се појави во Нигерија на почетокот на 2000-тите. Стотици илјади луѓе ја напуштија Нигерија поради терористички напади и конфликти.