Виктор Јаневски ќе го претстави циклусот „Патување низ пејсажот“ во КИЦ

Во Културно информативниот центар (КИЦ) во Скопје утре (вторник, 10 октомври) од 20 часот ќе биде отворена изложбата „Патување низ пејзажот“ на Виктор Јаневски.

Марјан Минов, историчар на уметноста, во својот осврт кон циклусот „Патување низ пејзажот“ вели дека тој е составен од шестнаесетина слики, изработени во акрилна техника и самиот по себе може да се подели на два мини циклуси : реален и фантастичен (надреален) пејзаж. Додека во едниот главна инспирација се македонските живописни предели, кои полека исчезнуваат пред нашите очи, вели тој, во вториот поривот несомнено треба да се бара внатре во душата на уметникот.

„Сите овие пејзажи се создавани со една импресионистичко – експресионистичка постапка, и се проткаени со чувство на возвишеност и восхитеност. Природата е жива и има душа, а поистоветувајќи се со неа, пак, уметникот како да сака да ја разоткрие и сопствената душа. Чамците закотвени во езеро, високиот снежен врв на Кораб, полураспадната мариовска куќа, како и осаменото дрво сред поле несомнено ја симболизираат осаменоста, додека играта на гранките на дрвјата и брановите, од друга страна, го симболизираат внатрешниот импулс на Виктор да се бори со монотонијата на модерното секојдневие, како и да укаже на вистинските животни вредности, од кои човештвото одамна почнало да отстапува и да ги заборава. Силните јаки бои од македонските живописни предели и златно-жолтите житни полиња можеби упатуваат на вангоговска инспиративност во изразот на Виктор, но на тој начин уметникот само ја зголемува нивната важност и значење, издигајќи ги на пиедесталот на безвременоста“, посочува Минов.

Според него, таа природа е жива и продолжува да живее во целиот нејзин сјај преку пејзажите на овој македонски уметник.

„Во фантастичните (надреални) пејзажи, главен акцент повеќе се става на симболот и пораката. Работени со пообмислени и посмирени потези, наспроти претходните, тие пред сѐ се плод на имагинацијата на Виктор, на она другото јас, оставајќи на самиот гледач да ја пронајде скриената порака. Пејзажите на Виктор се живи и носат скриена порака со себе – така тие несомнено отстапуваат од стандардната декоративност, а со овој циклус тој се докажува како успешен пејзажист, кој мошне успешно ја претставува убавината и душата на нашите македонски предели“, стои во освртот на Минов за циклусот „Патување низ пејзажот“.

Виктор Јаневски роден 1994 во Скопје, завршил Средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје, а дипломирал на катедрата по вајарство кај проф. Жарко Башески. Подоцна магистрирал на катедрата по сликарство кај проф. Жанета Вангели на Факултетот за ликовни уметности при универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје.

Учесник е на четири самостојни и повеќе групни изложби.