[Видео] Што доколку видите напуштено бебе? УНИЦЕФ со нова видео кампања за подигање на свеста

Скриена камера во швајцарскиот град Женева ги снимала реакциите на луѓето кои поминуваат покрај кукла која испушта плачливи звуци, која на прв поглед изгледа како напуштено живо бебе, во новата кампања на УНИЦЕФ за намалување на смртноста на новороденчињата. Настанот бил организиран во близина на објектот каде истовремено се случувал Самитот за светското здравје на кој присуствувале министрите за здравство од земјите во светот.

Минувачите во кампањата, која е насочена кон подигање на јавната свест за овој проблем, потоа можеа да се потпишат на петицијата на која се повикуваат светските лидери да ја запрат трагедијата во која 7.000 новороденчиња во светот умираат секој ден.

Од УНИЦЕФ веќе врачиле 150 илјади потписи до министрите за здравство, кои присуствувале на Самитот во Женева, барајќи од нив поголеми државни вложувања во поквалитетно здравство за секоја мајка и бебе.

Организацијата додава ја продолжуваат петицијата и дека со нејзино потпишување граѓаните можат да направат уште поголемо влијание кога лидерите ќе се сретнат на Глобалната конференција за здравство во Астана, Казахстан во октомври.

„Ги изневеруваме најмладите граѓани на светот. Иако светот направи драматичен прогрес кон намалување на глобалното ниво на смртност на деца под пет години, смртноста на новороденчињата се намалува со помало темпо. Раѓањето и првите 28 дена кои следуваат се најопасниот период во животот на детето. Скоро половина од децата под пет години кои умреле во 2016 година биле новороденчиња“, наведуваат од УНИЦЕФ во својот извештај.

Од организацијата повикуваат на универзална здравствена заштита која почетно би била заснована на четири столба: функционални здравствени установи со електрична енергија и чиста вода; подготовка на акушерките и другите здравствени работници со алатки и обуки; медицински лекови и опрема за спасување на животите; зајакнување на девојките, жените и семејствата за барање и добивање квалитетна нега.