[Видео] Огромно украинско знаме насликано во Лондон на улицата пред руската амбасада

Група активисти денеска истурија стотици литри жолта и сина боја на улицата пред руската амбасада во Лондон со цел да создадат огромно украинско знаме на годишнината од руската инвазија врз Украина.

Активистичката група „Led By Donkeys“ го сопре сообраќајот пред да истури повеќе од 300 литри боја на патот со колички и четки и формираа знаме со големина од 500 квадратни метри.

„Украина е независна држава и нејзините граѓани го имаат секое право на самоопределување. Постоењето на огромно украинско знаме пред амбасадата на рускиот претседател Владимир Путин во Лондон ќе служи да го потсетува на тоа“, стои во соопштението кое го објавија активистите.

Лондонската полиција информираше дека три мажи и една жена се приведени под сомнение дека го попречувале сообраќајот.

Гумите на повеќе возила беа обоени од бојата додека поминувале низ улицата и оставаа трага од боја низ патот кој граничи со Хајд Парк и Кенсингтонските градини.

Од активистичката група посочија дека станува збор за нетоксична боја која лесно се брише и е дизајнирана за улична уметност.