УСС УКИМ до студентите: Ако контролорите ви пишат казна при годишен билет, ЈСП ќе ја поништи

Откако дел од студентите кои имаат валидни годишни билети за возење со скопскиот градски превоз се пожалија дека добиле казни од контролорите откако нивните картички не можеле да ги валидираат преку електронските читачи во автобусите на ЈСП, од Универзитетското студентско собрание при УКИМ информираат дека сите студенти, кои се оштетени на овој начин, треба да испратат мејл до ЈСП по што ќе им бидат поништени казните, или ќе им бидат рефундирани платените средства.

Од УСС УКИМ напоменуваат дека до 28 февруари сите студенти кои исполнуваат услови за користење на бесплатен јавен превоз, а не ја продолжиле важноста на билетот, можат да се возат бесплатно, кога е и крајниот рок за продолжување на важноста на годишниот билет за бесплатното користење јавен превоз.

„При влегување во автобус, немате потреба да ја валидирате „Скопска“, бидејќи апаратот ќе ви даде сигнал дека картичката не важи. Во случај неинформиран контролор да ви пише казна, контактирајте ги ЈСП на jsp1@jsp.com.mk, за да казната ви биде поништена или средствата да ви бидат рефундирани, доколку неинформиран студент ја плати казната. Апелираме продолжувањето на годишниот билет за бесплатно користење на превозот да го сторите навремено, за да се избегнат непотребни гужви и ризици на крајот од февруари“, велат од УСС УКИМ.

Продолжувањето на важноста на билетите се врши во центрите за персонализација на ЈСП Скопје, на шест локации: на Транспортен центар (во автобусот), на автобуската постојка кај Шумарски факултет, на Бит пазар (спроти некогашен „26 јули“), во Порта Влае, на автобуската постојка кај Педагошки факултет, до ТЦ Капитол (во зградата на „Телекабел“) и во Градски ѕид (во просториите на ЈСП Турс).