УСС УКИМ апелира за функционални лифтови во студентскиот дом „Гоце Делчев“

Универзитетското студентско собрание на УКИМ (УСС УКИМ) испраќа апел за итно пуштање на лифтовите во употреба во сите блокови на студентскиот дом Гоце Делчев.

Оттаму велат дека одржале средба со директорот на домот на 4 декември, на која со сигурност им било кажано дека лифтовите ќе бидат пуштени во упоредба до шести декември, а не работеле поради редовен сервис и сертифицирање.

„Кога тоа не се случи, добивме информација дека лифтовите со сигурност ќе бидат функционални до четврток, односно 7 декември. Во овој момент во домот функционира само еден лифт и тоа во блокот Б. Нехумано е во денешницата студентите со денови да бидат приморани да се качуваат до 14 кат во блоковите“, велат од УСС УКИМ.

Оттаму апелираат лифтовите итно да се стават во функција, а  во иднина процедурите за редовен сервис и сертификација да бидат извршувани во летниот период кога нема студенти во домот.

По објавувањето на апелот, од ДСД „Гоце Делчев“, на своите социјални мрежи објавија дека во четвртокот, во употреба бил пуштен по еден лифт во блоковите Б, В и Г.

„Меѓутоа поради технички проблеми В и Г се повторно исклучени и ќе бидат пуштени во понеделник, а во текот на неделата ќе се пушти и еден лифт во блок А. За вторите лифтови во секој блок станува збор за посериозни зафати и побарана е понуда од сервисерот и веднаш ќе се започне со работа на нив“, се вели во објавата.

Со куфер во рака до 14-ти кат: Не работи ниту еден лифт во студентскиот дом „Гоце Делчев“