Студентите на чекор до ветените покачени стипендии, учениците уште во неизвесност

Студентите на кои Министерството за образование и наука (МОН) им должи средства за изедначување на стипендиите, а кои требаше да им ги исплати ретроактивно до крајот на октомври 2023, ќе бидат контактирани наредната недела. Ова вчера го соопшти Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ) од каде кажаа дека одржале средба со Министерството за образование и наука (МОН).

Радио МОФ пред неколку дена испрати прашања до МОН за тоа кога ќе почне првиот дел од исплатата на разликата на стипендираните студенти и ученици кои земаа стипендии пред покачувањето во летото 2021 година. Оттаму сè уште нема официјален одговор.

Според најавите на МОН, вториот дел од заостанатата стипендија на студентите треба да им се исплати до крајот на февруари 2024 година, додека за учениците постави еден рок, октомври оваа година.

Ива Трпески, потпретседателката на Сојузот на средношколци вели дека се обиделе да дознаат дали ќе има исплата во скоро време, но безуспешно.

„Но, бидејќи периодов ќе имаме поинтензивен контакт со Министерството ќе побараме дополнителни информации за тоа. Штом почнаа да се објавуваат и други конкурси како што беа студентските, се надеваме дека ќе има исплатување и на тие што се заостанати“, вели таа.

Министерството за образование покачувањето на стипендиите го најави во 2021 година, со што месечниот износ кој им следува на студентите се покачи за 80%, односно наместо 3.300 од академската 2021/2022 студентите земаат 6.050 денари. Ученичките стипендии се зголемија на 3.500 наместо претходните суми кои се движеа од 2.000 до 2.790 денари.

Зголемените стипендии требаше да важат само за оние кои аплицирале на новите конкурси што разви револт кај студентите и учениците. Студентите потоа преку онлајн-петиција бараа еднакво покачување на сите стипендии. По ова беше поднесена претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, по што Комисијата утврди дека со ваквата одлука се извршува индиректна дискриминација врз основа на образовен статус и повреда на правото на еднаков третман при користењето на стипендиите во повисок износ. Комисијата тогаш препорача МОН да ги изедначи стипендиите на сите студенти и ученици, во спротивно најави дека ќе поднесе прекршочна пријава.

Студенти преку онлајн петиција бараат покачени стипендии за сите

Министерството за образование и наука најпрво одбиваше да ги исплати разликите, но потоа попушти и се согласи да ја исплати разликата само за три месеци април, мај и јуни 2023, на што негодуваа засегнатите студенти и ученици. МОН во април годинава излезе со официјален став дека ќе потпише спогодба со студентите и учениците за изедначување на стипендиите и ќе им ги исплати во наведените рокови. Овие студенти и ученици оттогаш чекаат на информации од Министерството.

Ангела Бошкоска