Сојузот на средношколци со четири предлози за спречување на меѓуврсничкото насилство во училиштата

Засилено обезбедување на училиштата најдоцна до крајот на учебната година, канцелариите на училишните психолози да бидат отворени за средношколците и учениците да можат да закажат тет-а-тет средби со нив, обуки и доквалификации за стручните служби и спроведување тестирања на кои ќе се измери знаењето од обуките, но и летниот распуст да биде искористен за изготвување на протоколот за новиот модел на работа на стручните служби и за отпочнување на обуките за соработниците.

Ова се четирите предлози кои вчера ги претстави претседателот на Сојузот на средношколци Лука Павиќевиќ за спречување на меѓуврсничкото насилство во училиштата на вчерашната средба во Министерството за образование и наука (МОН) каде присуствувале и универзитетските професори од областа на педагогијата, психологијата, социологијата, правото и безбедносните науки. Средбата во Министерството се одржа на иницијатива на министерот за образование и наука Јетон Шаќири, со цел да се дискутира што може да се интегрира во образовниот систем за да се превенираат несакани настани како во соседна Србија.

„Став на Сојузот на средношколци е дека мора да се делува брзо и ефикасно за да се превенираат и избегнат негативните ефекти, а истовремено спроведените мерки да дадат конкретни и видливи резултати на терен“, велат од Сојузот на средношколци.

Оттаму ја поздравија и одлуката на МОН да ги отвори електронските адреси prijavinasilstvo@mon.gov.mk и paraqitdhune@mon.gov.mk, на кои ќе може да се пријавува меѓуврсничко насилство, но додаваат дека предложиле и да се размисли за отворање на бесплатна телефонска линија и профили на социјалните медиуми, со цел оваа можност да биде поблиска до целната група.

МОН отвора мејл-адреси за пријавување насилство во училишта

Од Сојузот се децидни дека ќе продолжат да бидат активно вклучени во процесите на работната група и ќе ги застапуваат потребите на средношколците кои се однесуваат на менталното здравје, меѓуврсничкото насилство и безбедноста.