Од Сојузот на средношколци реагираат за недостатокот на образовен кадар во МИГ

Откако вчера „Слободен печат“ објави дека учениците од Математичко-информатичката гимназија (МИГ) во Скопје губат часови поради недостаток од образовен кадар, реакција стигна и од Сојузот на средношколци.

Според написите, учениците од скопската гимназија губат часови од почетокот на второто полугодие, а недостасуваат професори по пет стручни предмети.

Од гимназијата велат дека согласно Законот за ангажирање на наставен кадар, освен од МИГ и од МОН, согласност за вработување треба да се добие и од Министерството за финансии, што во моментов е пречката за наставата непречено да продолжи.

Од Сојузот на средношколци апелираат што побрзо да се реши проблемот во Математичко информатичката гимназија бидејќи, како што велат,  апсурдно е учениците од  гимназијата да имаат по само еден до два часа дневно.

„Непречениот образовен процес е уставно и законско право на секој ученик и државата истото мора да го почитува и запазува. Недозволиво е поради неможноста МОН и Министерството за финансии да најдат заедничко решение учениците да немаат настава за 8 стручни предмети во МИГ“, велат од Сојузот.

Оттаму појаснуваат дека гимназијата била замислена како елитна образовна институција за учениците талентирани по Математиката и Информатика.

„Ја потсетуваме јавноста дека Сојузот на средношколци се залага за отворање на две нови селективни гимназии – Јазична гимназија по примерот на Филолошките гимназии во Белград и Сараево и Хуманистичко-општествена гимназија по примерот на францускиот образовен систем“, истакнуваат од Сојузот.

Оттаму дополнуваат дека надлежните мора да ја регулираат ситуацијата во МИГ и да се држат на високите посакувани стандарди – не само бидејќи тоа е уставно право на нејзините ученици, туку и за да докажат дека  амбициите за развојот на сите науки се реални и остварливи.