Унгарските новинари ја осудија „црната“ новинарска листа на „соросоиди“

Највлијателното новинарско здружение во Унгарија го осуди про-владиниот портал кој објави „црна-листа“ на новинари обвинети дека работат во интерес на Џорџ Сорос.

Текст, со наслов „Странските пропагатори на Сорос“, се појави во вторникот на сајтот 888.ху, во сопственост од близок партнер на премиерот Виктор Орбан.

Во написот се именувани осум новинари, претежно Унгарци, кои работат за странски новински организации.

Листата вклучува дописници за новинските агенции Ројтерс и Блумберг, магазинот Политико и германскиот телевизиски канал ЗДФ, сите од нив обвинети од 888.ху дека негативно ги прикажуваат Унгарија и Орбан. Дополнително, интернет страницата вели дека генерално странското медиумско покривање на Унгарија е „пристрасно, стигматизирано, со предрасуди и пропаганда“.

Преку соопштение, Националната асоцијација на унгарските новинари (МУОСЗ), која има 3.500 членови и е најстара таква медиумска организација во земјата, ја осуди таквата листа на новинари.

МУОСЗ додава дека интернет страницата не понудила никаков доказ за поврзаност меѓу посочените новинари и Сорос.

„Стигматизирање на колеги преку листи кои се својствени на поранешни анти-демократски времиња, е далеку од практиката на демократско новинарство и информирање на јавноста“, стои во нивното соопштение.

Последниве две години, 87-годишниот Сорос, беше нарекуван „национален безбедносен ризик“ и „непријател на народот“ од страна на Орбан поради неговата наводна поддршка на она што премиерот го нарекува „опасна масовна имиграција на муслимани во Европа“.

Властите во Унгарија истовремено го отежнаа функционирањето на граѓанските организации финансирани од Сорос и за ценетиот Централно Европски Универзитет (ЦЕУ) во Будимпешта, кој беше отворен од милијардерот како поддршка на регионот во транзицијата кон демократија.

Од доаѓањето на десничарот Орбан на власт во 2010 година, критичарите обвинуваат дека јавните телевизии и радио станици, како и многу комерцијални медиуми се претвориле во про-владини алатки за пропаганда.