Училиштето „Гоце Делчев“ во Прилеп доби сензорна соба

Фондацијата „Чекор по чекор“ информира дека нови можности за подобрување на способностите на децата со типичен и атипичен развој ќе донесе новата сензорна соба во ООУ „Гоце Делечев“ во Прилеп, прва во градот во рамки на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, финансиран од Европската Унија.

„Стручната служба и наставниот кадар во ова катче ќе може да работат со децата и да ги насочуваат кон задачите и полесно да го одржуваат нивното внимание, да изведуваат координирани моторни активности, самостојно да планираат и реализираат нови задачи, како и да развиваат социјални релации“, посочуваат од „Чекор по чекор“.

Според Општина Прилеп, која е дел од семејството на грантисти на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, велат дека оваа сензорна соба е симбол на соработката која се остварува меѓу училиштата, донаторите, невладините организации и општествено одговорните компании.

„Нашето образование е толку квалитетно колку нашата способности да се грижиме за оние кои се најранливи. Со овој чекор веруваме дека денес правиме придонес кон обезбедување на квалитетно образование“, вели Влатко Петкоски во име на Општина Прилеп.

Бранка Џајковска од Фондацијата „Чекор по чекор“ истакна дека сензорните соби претставуваат инструмент за подобро учење и развој на учениците со попреченост, а со тоа, вели таа, поблиску сме до квалитетно образование за секое дете.

„Оваа е 17 сензорна соба реализирана како дел од проектот ‘Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран’. Тие се опремени со елементи кои се од голема корист за учениците со интелектуална попреченост, со хиперактивно однесување, ученици од аутистичниот спектар, деца кои имаа проблеми со моториката и сл. Изборот на опремата и елементите во опремувањето на секоја сензорна соба, го правиме низ консултативен процес со специјалните едукатори, педагозите, психолозите и наставниците во училиштата со цел тоа што ќе се набави да одговара на нивните потреби, за да можат тие максимално да ги исползуваат во нивната работа“, изјави Џајковска.

Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ го реализира Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ заедно со своите партнери, Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хандимак“. Проектот се реализира во соработка со Министерството за образование и наука.