Во Прилеп отворен ИКТ Центар за чување и заштита на податоци на граѓаните

Во Прилеп е отворен ИКТ Центарот за заштита на податоци и опоравување од катастрофи, кој претставува еден од најзначајните инфраструктурни капитални проекти.

Центарот, како што се наведува, претставува „бек-ап“, односно резервна база за клучните, витални информациски системи во земјава, кој гарантира дека тие ќе функционираат доколку од какви било причини е загрозена работата на примарниот информатички систем. Исто така, центарот ќе ги зачува податоците во случај на природни или катастрофи предизвикани од страна на човечки фактор и ќе овозможи компатибилна размена на информации со другите институции.

Премиерот Димитар Ковачевски при посетата на центарот, денеска посочи дека центарот е од витално значење за државата.

„Со неговото основање и оформување како целина обезбедуваме долгорочна заштита на податоците на граѓаните, а со тоа и трајна заштита на нашиот безбедносен систем. Како Влада сме посветени да одговориме на современите предизвици, пред сѐ, сајбер безбедноста и злоупотребите во интернет сферата кои можат сериозно да ја загрозат националната, регионалната и меѓународната безбедност. Затоа, вложуваме во реализацијата на вакви големи проекти со коишто покажуваме дека сме во чекор со светските безбедносни трендови“, истакна Ковачевски.

фото: Влада

Министерот Оливер Спасовски, меѓудругото истакна дека одбранбениот и безбедносниот сектор сѐ повеќе се зависни од функционалноста на ИКТ системите, поради што меѓу врвните приоритети се градењето отпорност, креирањето на мерки за превенција и за зајакнување на одговорот на хибридните закани.

„Токму овој Центар, кој веќе подолго време е целосно оперативен и функционален, претставува реален производ на таа наша определба за континуирано градење на дигитална инфраструктура“, рече Спасовски.

„Посебно задоволство претставува фактот што изградбата на ваков Центар е прв случај во поширокиот регион една државна институција да изгради модерен објект за свои потреби”, посочи Спасовски, додавајќи дека покрај МВР, ИКТ Центарот веќе го користат повеќе државни институции, а отворен е за соработка и со сите други субјекти и институции.

Според Спасовски, овој капитален проект претставува заокружување на дигиталната трансформација на процесите на МВР реализирани во периодот од 2017 до денес, со цел зголемување на ефикасноста и гарантирање на безбедноста, но пред сѐ, како што посочи, давање одговор на барањата на граѓаните за јавни услуги.

Во центарот се инвестирани 11 милиони евра, средства обезбедени од ИПА програмата и буџетски средства.