Аудитивни, визуелни и тактилни реквизити се дел од опремата во сензорната соба на ООУ „11 Октомври“ во Куманово, во која од денес, стручната служба и специјалниот едукатор и рехабилитатор ќе може да работат на индивидуални третмани со учениците со образовни потешкотии, информираат од Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“.
Раководителката на одделението за стратешко планирање, креирање политики, следење и ЛЕР, Донка Петровска изјави дека сензорната соба и инклузивните игралишта вистински го подобруваат квалитетот за образование и воспитание на учениците со попреченост во општинските училишта, а истовремено и ги подобруваат инклузивните капацитети и практики во градот.
„Со партнерствата кои ги градиме, се надевам дека ќе бидеме пример за социјална и образовна вклученост на децата во образовниот систем“, рече Петровска.
Од фондацијата посочија дека реализацијата на сензорната соба е поддржана од компанијата „Алфа Би“, а во склоп на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ кој е финансиран од Европската Унија.
Благица Димитровска од здружението „Инклузива“ пак, истакна дека со активностите од проектот значајно се придонесува секое дете да добие пристап до квалитетно образование.
„Проектот ‘Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран’ стимулира инклузијата преку директна поддршка на семејствата, oбука на наставниот кадар, потоа стипендирање на учениците со попреченост, со што тие рамноправно се вклучуваат во редовниот образовен систем. Преку проектот со месечни стипендии се поддржани 471 ученик, а само во општина Куманово има повеќе од 40 стипендисти. На овој начин ние директно работиме на развој на инклузијата на локално ниво, и се залагаме за создавање на еднаков пристап и можности за сите деца во сите училиштата и во нашиот регион и во државата. Со создавање на пристапни и
стимулативни средини за учење, училиштата опфатени со проектот стануваат места со еднакви можности за образование за сите деца“, потенцира Димитровска.