Учење во виртуелна предавална со ментор на далечина – онлајн образованието станува тренд и кај нас

Разновидноста, заштеденото време и пари се најголемите предности на онлајн учењето. Онлајн пазарот на приватни часови и студиски програми полека станува тренд и меѓу македонските граѓани.

Игор Делов е дипломиран економист од Скопје, кој и покрај тоа што бил одличен студент, во текот на студирањето решил во иднина да се занимава со применета уметност. Во 2008 година тој започнал интензивно да следи веб-туторијали за графички дизајн, за денес да си го оствари својот сон и да го прави она што го посакувал.

„Бидејќи сум само-образован, сметам дека интернетот и веб-туторијалите одиграа клучна улога во мојот професионален развој“, објаснува тој за Радио МОФ.

Иако Делов вели дека не е запознаен со домашни платформи што нудат образование за неговата струка, верува дека постои потенцијал за тоа да се промени.

„Доколку квалитетот е на високо ниво, не е важно од каде потекнува и не гледам причина зошто не би се создавале онлајн тренинзи и од наш квалификуван кадар“, забележува тој.

За Александар Марјановиќ, кој две децении ја предводеше првата приватна школа за компјутери „Александрија“, и е основач на веб академијата „Еверест“, не се ништо ново случаите кога луѓето се предомислуваат или сфаќаат дека згрешиле во изборот на професија, па сакаат да пробат нешто друго. Но, според него, процесот на учење нова струка е речиси невозможен со традиционалното образование, ако се земат предвид факторите како работно време, семејство и секојдневни обврски.

„Онлајн учењето му овозможува на студентот да учи во време кое него му одговара. Дури и да имате густ распоред на обврски, секогаш имате слободни термини што може да ги пополните. Наместо да дремете пред телевизор, да гледате глупава серија, или да си го трошите времето на непродуктивен начин, може да седнете да се фокусирате на учење. Втор проблем што го решаваме се географските ограничувања – оние што живеат на пример во Гевгелија или Берово, кога немаат никаква можност, кога никој не им овозможува обука што би сакале да ја имаат“, објаснува тој.

Според Марјановиќ, системите за учење на далечина нудат квалитетно образование, и што е најважно нагласува тој, студентите имаат свој личен ментор што ќе ги води на патот кон целта што си ја определиле.

Срамежливо се пристапува кон овој метод на учење

Нивниот вид онлајн програми нуди снимени тематски предавања, со што се елиминираат повторливите трошоци за плаќање на тутори. Ова пак, вели Марјановиќ, води кон пониски цени на чинење на школувањето, кое за услови во Македонија смета тој, и не е така евтино.

Како што објаснува, предавањата се во термин кога на студентот му одговара, било ноќе или преку ден. Покрај теоретските работи, има и практични задачи при што се демонстрира она што е научено.

„Идејата е да ве подготвиме за некоја од најдобро платените професиите во веб индустријата. Учењето е преку практична работа и, што е најважно, нема полагање испити. Студентите своите трудови ги доставуваат до менторот а потоа, со него имаат приватна онлајн менторска сесија на која дискутираат за она што е работено, како и за сите нејаснотии “.

„Учејќи преку работа, студентот создава сопствено портфолио составено од трудови на кои ги работел за време на студиите. Тоа го поставува на своја локација на интернет, и во процес на аплицирање за работа, покрај своето CV, доставува и линк до своето портфолио.  Тоа е нешто што ќе му овозможи на тој што е одговорен за прием на нови вработени да процени дали кандидатот ги има потребните вештини  за работното место за кое конкурира, како некаков доказен материјал. Дипломата од факултет не покажува што вие знаете да сработите, така што ова ја зголемува шансата да се вработите“, смета Марјановиќ.

Тој верува дека постои интерес, но оти луѓето срамежливо пристапуваат кон овој метод на учење.

“Ние се обидуваме тие чекори да ги прават што е можно побезболно, без да се чувствуваат како да се на непознат терен”, вели Марјановиќ.

“Тоа е најголемиот проблем во прифаќањето. Кога нешто е ново, нема доволно критична маса, претходно таква работа не е видена на овие простори, се почнува со метод кој не е виден. Меѓутоа, се надевам дека со текот на време ќе се надмине тоа”, додава.

Во моментов, нивните курсеви може да се најдат само на македонски јазик, но како што информира Марјановиќ, во план им е да се прошират и на светскиот пазар. 

„Со тек на време ќе си легне на брашно“

Е-учењето е како пазар на кој секој предавач има своја тезга на која го нуди најдоброто од себе, а студентот оценува колку е задоволен од она што го добива. Вака во целост Тошо Мицевски ја опишува својата онлајн платформа за учење TeachHoot, што ја основаше годинава со уште неколкумина.

Нивен фокус се младите од 13 до 22 години, но желба за учење има и кај повозрасните. Сепак, најголем интерес се појавува кај студентите, и тоа пред испит.

„Убедливо најбарана кај студентите е дискретната математика, затоа што има многу малку луѓе кои ја предаваат, многу е специфична, а ние имаме тутор по тој предмет, кој и самиот е студент. Потоа, барани се и структурно програмирање, физика, хемија… Но, има голем интерес и за јазиците. Најбаран од јазиците е германскиот“, ни појасни Мицевски.

Моментално на нивната платформа има 26 тутори. За да се биде тутор на нивната платформа прво мора секој да се регистрира. Потоа, се испраќаат сертификатите и дипломите со скенирање за соодветниот предмет што тој или таа сака да го предава, по што се одржува пробен час. Краен чекор е потпишување договор.

Причините поради кои Мицевски ја создал оваа платформа се лични.

„Јас кога бев студент, ми требало помош за решавање на задачи во десет часот навечер и не сум можел да ја добијам. Или ако сум сакал да најдам помош по некој специфичен предмет, требало да прашувам другари, да се „маткам“, па си реков, ‘зошто нема сè на едно место’, за да можам онлајн да го земам тој час, да не морам да патувам“, се потсетува тој.

Мицевски напоменува дека младите во помалите градови немаат достапност за да учат. Во исто време, сакале да им помогнат за да предаваат, за да им се прошири пазарот, да може да настапуваат и пред голем број ученици.

Сепак, онлајн учењето кај нас сè уште е во почетна фаза, иако во поголемите држави тоа е веќе вообичаена пракса. И Мицевски смета дека причината за ова е сомнежот кај населението.

„Прво мора да видиме дека комплектно функционира секаде, па да се прифати како тренд и кај нас и тоа само затоа што е тренд. Плус, електронското плаќање за луѓето е сè уште сомнеж. Многупати се случило да има измами и на луѓето уште не им е јасно како оди тоа, а и мислам дека кај учениците е до моментот за ‘инстант награда’“.

Студентите не сфаќаат дека тоа е подолг процес, не сакаат да примаат нови информации, да учат нешто ново, туку сакаат наеднаш, колку да положат испит. Тие што се најхрабри, што се најотворени ќе пробаат”, смета тој.

„Кај нас образованието е сè, учењето е културолошки, секој сака да заврши факултет, што на Запад, на пример, не е така“, додава Мицевски.

И тој верува дека има потенцијал за развој на оваа гранка, меѓутоа како што вели, „патот е долг и трнлив, нема да биде лесно, но со тек на време ќе си легне на брашно“.

Но, нивната цел не е само Македонија. Таа е само почетокот. Нивниот план е во иднина да се развиваат на регионално и на интернационално ниво.

Онлајн учењето е поефективно

Игор Богданоски е дипломиран машински инженер, а со туторство се занимава веќе 20 години. На платформата, пак, е од самиот почеток, каде држи повеќе од 30 часови за математика, физика и машински предмети.

Тој по договор со својот ученик се вклучува на платформата и преку веб-камера или микрофон непосредно комуницира. Наместо на класична зелена табла, тој пишува на life board, или онлајн табла на која во реално време се решаваат задачи, се споделуваат материјали и служи за допишување.

„Нормално, технологијата оди напред“, вели Богданоски за кој овој принцип на работа е сосема нормален.

„Помалку време има за патување, поголема е комоцијата да предавам од дома. Можам ако сакам да спојам два часа еден по друг, наместо да патувам до друг крај на градот, па да се враќам дома и со тоа да загубам време. Може да ме побараат и од другите градови, не ми е ограничено само на Скопје. Потоа, не мора ни на републичко ниво, може некој и од Австралија да се вклучи“, објаснува тој.

Неговото искуство покажало дека ваквите часови се поефективни.

„Кога би дошол ученик на класичен час кај мене, 15-20 минути така ги трошиме на приватни разговори, а овде го нема тоа. Ограничени сте за половина до еден час, не може да го продолжите поради тие разговори и да му наплатите на некој“, појасни тој.

Според Богданоски, неговите предмети можат да се учат на овој начин.

„Тоа што го пишувам на хартија, овде го пишувам на табла и ученикот го гледа. Исто е. Нема никаков проблем од тој аспект. На платформата имавме заинтересиран и за физичко што сакаше да пријави. Човекот имал метод како да предава физичко, така што ако може за тоа да се предава, што останува за другите предмети“, вели тој.

Инаку, неговиот час може да трае 30, 45 или 60 минути, за што со ученикот се договара преку порака.

Како за пример, 60-минутен час по математика за основно и средно школо чини 368 денари.

Сè повеќе универзитети споделуваат бесплатни онлајн курсеви

Во последните неколку години, многу престижни универзитети како Јејл, Харвард и Оксфорд решија дел од своите курсеви да ги споделат со јавноста, со дел да предизвикаат интерес кај идните студенти по одреден предмет.

Ги нудат во онлајн верзија, било во форма на аудиоподкаст, или пак во пдф формат.

Предноста на овие бесплатни курсеви е тоа што материјалите за учење може да се читаат и слушаат од мобилниот телефон. Со ова, пак, драстично се менува начинот на образување.

Емилија Петреска

*Текстот е напишан во склоп на проектот „На час“, чии активности се финансирани и се спроведуваат во партнерство со Фондација Отворено општество – Македонија.