Учебник по македонски јазик со совети како да не ја заколеш жената, од МОН известуваат дека се работи на целосно нов Закон за учебници

„По некое време селанецот се скарал со жена си и дигнал секира да ја заколе, но веднаш се сетил на советот: „Кога ќе се налутиш, изброј до петнаесет, па после да го извршиш тоа што си го намислил“, гласи текстот со наслов „Три добри совети“, кој треба да ги учи учениците од шесто одделение за трпеливост. Како што пренесува „А1Он“, текстот е дел од учебникот по македонски јазик во основно образование и раскажува како еден селанец купил 3 совети за три алтани.

Како авторки на учебникот се наведени Снежана Велкова и Соња Јовановска. Учебникот првично е одобрен во 2011 година, а продолжен со одлука на Министерството за обрзование и наука во 2020 година. Рецензенти на учебникот се Гоце Цветановски, Татјана Пеливанова и Наташа Киркова.

Од Министерството за образование и наука соопштија дека во тек на подготовка е целосно нов Закон за учебници со кој ќе се надминат недостатоците во овој сегмент од образованието. Додаваат и дека веќе е повлечен еден учебник по македонски јазик, тој за петто одделение.

„Министерството за образование и наука веќе го повлече учебникот по Македонски јазик за петто одделение, поради несоодветна и дискриминирачка содржина. Во овој учебник се констатирани дискриминирачки текстови, но и примери коишто ја засилуваат родовата нееднаквост. Утврдени се голем број пропусти и грешки, но и непочитување на македонската стандарднојазична норма. во тек е подготовка на целосно нов Закон за учебници со кој ќе се надминат недостатоците во овој сегмент од образованието“, известија од Министерството.