Турска НВО тужи владина агенција и мобилни оператори поради забраната за пристап до социјални мрежи

Медиумска невладина организација тужи мобилни оператори и администратори на владина агенција поради забраната на Твитер и ТикТок во Турција која беше погодена од разорен земјотресот, што според организацијата ги попречило операциите за пребарување и спасување, јавува Балкан Инсајт.

Вејсел Ок, адвокат и ко-директор на Асоцијацијата за медиумски и правни студии (МЛСА) денеска поднесе кривична пријава против мобилни оператори и директорите на Турската управа за информатички и комуникациски технологии (БТК), по забраната наметната на Твитер и ТикТок по земјотресот.

Кривичната пријава на Ок против нив вклучува „злоупотреба на јавна должност“, „спречување на комуникација“, „убиство од небрежност“ и „повреда од небрежност“. Ок за БИРН изјави дека „овој вид непромисленост и неодговорност се неприфатливи“.

Земјотресите кои во понеделникот се случија во Турција со јачина од 7.9 и 7.7 степени според Рихтеровата скала ги уништија јужните и југоисточните региони на земјата. Турското претседателство за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД) верува дека најмалку 18.991 луѓе ги загубиле животите и дека повеќе од 75.500 лица се повредени.

„Турција доживува една од најлошите катастрофи во својата историја. Властите, кои се одговорни за заштита на животите на граѓаните, но не можат да го спречат тоа, активно се обидуваат да ја поткопаат комуникацијата на граѓаните, работата на новинарите и, за жал, напорите за пребарување и спасување“, рече Ок.

Владината реакција во справувањето со катастрофата по земјотресот беше критикувана од бројни преживеани, експерти и новинари, кои велат дека властите не успеале да достават помош во неколку разурнати области и дека не ги искористила ефикасно вооружените сили, и покрај тоа што има 120.000 лица во регионот.

Владата во меѓувреме, исто така, забрани известување, приведе и испитуваше новинари и експерти кои известуваа за катастрофата.

Во средата, исто така, го блокираше пристапот до Твитер и ТикТок, главни извори на комуникација за роднините на жртвите, преживеаните и луѓето кои помагаа во катастрофата. Многу луѓе беа спасени откако ја споделија својата состојба и локација преку Твитер.

Интернет-врската, исто така, наводно била забавена од властите во, како што беше наведено, борбата против мисинформациите.

Пристапот до Твитер беше обновен во Турција денеска по состанокот кој вчера се одржа помеѓу владини претставници и Твитер. Според турските власти, Твитер ветил дека ќе соработува и ќе ги поддржи „напорите на Турција за борба против дезинформациите“.