Маск најави дека компаниите и институциите можеби ќе плаќаат за Твитер

Компаниите и владините корисници на Твитер во иднина можеби ќе треба да плаќаат одредена „мала сума“ доколку сакаат да останат на оваа социјална мрежа, најави сопственикот на Тесла, Елон Маск.

Оваа новост доаѓа откако управниот одбор на Твитер ја прифати неговата понуда да ја купи платформата за 44 милијарди долари.

Сепак, Маск истовремено посочи дека социјалната мрежа ќе остане бесплатна за обичните корисници.

Твитер досега не одговориле на прашањата од Би-Би-Си во врска со најавите за наплата на Твитер на компаниите и владините институции.

Откако ја изрази својата намера за купување на Твитер, Маск најави дека сака да внесе новини во начинот на кој функционира социјалната мрежа. Тој најави воведување на нови услуги и сугерираше промени во премиум претплатничкиот сервис „Твитер Блу“, отстранување на ботови од платформата, како и воведување на опција за промена на твитови.

Во говор во Њујорк оваа недела, Маск изјави дека сака да го направи Твитер транспарентен за тоа како се зголемува и намалува видливоста на твитовите и потенцираше дека сака софтверот да биде достапен за критики од јавноста.

Маск изминатиов период јавно коментираше дека политиките на модерирање содржини на социјалната мрежа се закана за слободата на говор.