Маск најави Твитер претплата од 8 долари

Илон Маск информираше дека Твитер ќе започне да нуди претплата која ќе чини 8 долари со која корисниците ќе можат да добијат син беџ за верификација и помалку изложеност на реклами на платформата.

Социјалната мрежа веќе нуди одреден вид на претплата, но новиот сопственик сака да воведе нова поскапа претплата која ќе покрива повеќе услуги на платформата со цел да го зголеми приходот на компанијата.

„Сегашниот систем на господари и обични луѓе, со оние што имаат син беџ и оние кои немаат е сра*е. Повеќе моќ за народот! Сино за 8 долари месечно“, напиша сопственикот милијардерот, основач на Тесла и Спејс Икс.

Новината би ја надградила досегашната „Твитер Блу“ претплата, која чинеше 5 долари месечно, а би вклучувала и поинаков изглед на платформата, можност за промена на твитови, како и син беџ за верификација на оние профили кои ќе исполнат одредени предуслови. Дополнително со новата претплата корисниците би добиле и други придобивки – нивните твитови ќе се појавуваат со поголем приоритет, ќе можат да објавуваат подолги видео и аудио пораки, а ќе гледаат за 50% помалку реклами отколку оние кои ја немаат претплатата.

Во моментов таква верификација можат да имаат само одредени профили, како владини функционери, компании, медиуми, политички, културни или спортски личности. Беџовите можат да се одземат доколку корисниците не ги почитуваат правилата на платформата.

Реакциите од Твитер корисниците засега се помешани. Дел од нив ја пофалија идејата со образложение дека досегашниот „нефер“ систем мора да се промени, додека други се прашуваат дали верификацијата би изгубила смисла доколку едноставно може да се купи.

Маск најави и дека цената на претплатата ќе варира од држава во држава, во зависност од куповната моќ на населението.

Твитер добива речиси 90 проценти од своите приходи преку реклами и платформата е далеку помалку профитабилна во споредба со конкурентните компании Мета, под која се наоѓаат Фејсбук и Инстаграм, или Гугл, кој во сопственост го има Јутјуб.