Твитер забранува реклами кои се во спротивност со науката за климатските промени

Твитер најави дека повеќе нема да дозволува огласувачи на својата платформа кои го негираат научниот став за климатските промени, следејќи ја политиката воведена од Гугл, пренесува „Данас“. Објавата се совпадна со Денот на планетата земја.

„Рекламите не треба да одвлекуваат од важните разговори за климатската криза“, наведе компанијата, образложувајќи ја својата нова политика.

Не е наведено дека оваа промена ќе влијае на содржината што корисниците ја објавуваат на оваа социјална мрежа, која заедно со Фејсбук е цел на групи кои се обидуваат да промовираат погрешни тврдења за климатските промени.

Истовремено, Твитер соопшти дека во наредните месеци ќе објави повеќе информации за тоа како планира да обезбеди „сигурна, авторитативна содржина за разговорите за климата“ во која учествуваат неговите корисници, вклучувајќи го и Меѓувладиниот панел за климатски промени.

Извештаите од панелот, поддржан од Обединетите нации за причините и последиците од климатските промени претставуваат основа за меѓународните преговори за борба против климатските промени.