410 милиони луѓе се во ризик од покачување на нивото на морињата

До 410 милиони луѓе кои живеат на подрачја кои се помалку од 2 метри надморска височина се во ризик од растот на нивоата на морињата доколку не се намали влијанието врз климатските промени, покажа ново научно истражување.

Студијата објавена во списанието „Nature Communications“, открива дека во моментов 267 милиони луѓе во светот живеат на подрачје пониско од 2 метри надморска висина. Користејќи далечински метод со пулсирачки ласери кои ја мерат надморската височина, научниците пресметале дека до 2100 година, со еден метар покачување на морињата и без раст на населението во светот, оваа бројка може да се искачи на 410 милиони, пренесува Гардијан.

Нивните мапи покажале дека 62% од најзагрозените подрачја се сместени во тропскиот појас (во близина на екваторот), а Индонезија е државата која има најмногу земја која би била во ризик од подигање на морињата. Проекциите покажале уште поголем ризик во иднина, со дури 72% ризик за населението во тропските подрачја.

Иако истражувањето има висока доза на неизвесност за тоа што ќе се случува во иднина, според Алјоша Хоајер, авторот на студијата, потребно е да се насочи поголем фокус на тропскиот појас за долгорочна превенција.

Според Мартен ван Алст, професор за климатска отпорност, овие бројки треба да предизвикаат загриженост.

„Овие бројки се уште еден повик за будење околу огромниот број луѓе кои се во ризик на ниските подрачја, особено во ранливите држави на светскиот југ, каде луѓето обично се соочуваат со токсични мешавини од ризици кои во моментов истовремено го вклучуваат и Ковид-19. Иако ризиците веќе се подигнати, имаме голема корист од тоа што подобро можеме да ги предвидиме опасностите за ранливите населенија со што би се овозможила ефикасна евакуација. Како на пример намалувањето на загинатите од тајфуните во Бангладеш од неколку стотици илјади во 1970-тите години, на 120 лица во супертајфунот „Амфан“ минатата година“, објаснува Ван Алст.

„Сепак тие луѓе и понатаму се враќаат во своите опустошени живеалишта и се уште поранливи на следниот шок кој неминовно ќе се случи во иднина. Кога ќе се погледне поширокиот сет ризици, сфаќаме дека веројатно ќе имаме удвојување на луѓето на кои ќе им биде потребна хуманитарна помош до 2050 година“, додава професорот.

Климатската криза предизвикува раст на нивоата на морињата и почести и посилни невремиња, што пак доведува до ризици по изворите на храна како и за крајбрежните живеалишта.

Анкета од минатата година, во која биле собрани ставовите на 106 експерти, покажа дека крајбрежните градови треба да се подготвуваат за подигање на морските нивоа кои може да достигнат и покачување од 5 метри до 2300 година, со што ќе бидат поплавени домови на стотици милиони луѓе.