Корисниците на Твитер изгласаа Илон Маск да се повлече од директорската функција на социјалната мрежа

Корисниците на Твитер изгласаа Илон Маск да се повлече од функцијата извршен директор на компанијата откако милијардерот сам постави анкета за која кажа дека ќе го почитува мислењето на корисниците.

Вкупно 57,5% од корисниците гласале „да“, откако Маск го постави прашањето дали да се повлече од функцијата на своите 122 милиони следбеници. На анкетата гласале околу 17,5 милиони луѓе.

Технолошкиот тајкун, кој е сопственик и на Тесла и Спејс Икс, се соочи со многу критики од моментот кога ја купи социјалната мрежа.

Маск се` уште нема коментирано во врска со резултатите од анкетата. Сепак, дури и да се повлече од директорската функција, тој и понатаму ќе остане сопственик на Твитер.

Во претходните наврати Маск ги почитуваше резултатите од неговите објавени Твитер анкети. Во една прилика дури напиша „vox populi, vox dei“, латинска изрека која значи „гласот на народот, глас божји“.

Од преземањето на платформата Маск направи повеќе контроверзни потези, од бркање на речиси половина од вработените и најава за генерална амнестија на суспендирани профили, преку воведување на опција за платена верификација на профилите и укинување на политиките за ковид-дезинформации, до забрана на профилот кој му го следеше приватниот авион и суспендирање на новинари кои ја следеа неговата работа.

За последните случаи од Обединетите Нации на Твитер напишаа дека „слободата не е играчка“, додека од Европската Унија се заканија со санкции по социјалната мрежа.

Последна анализа покажа дека повеќе од 30 милиони корисници се очекува да го напуштат Твитер во следните две години откако се зголемила загриженоста околу техничките проблеми, како и ширењето на негативни содржини по купувањето на социјалната мрежа од Маск.