ЕУ му се закани на Маск со санкции откако Твитер блокираше повеќе новинари

Европската Унија се закани со санкции кон сопственикот на Твитер, Илон Маск, откако неколку новинари кои известуваа за работата на милијардерот и социјалната мрежа беа блокирани од платформата.

Меѓу оние кои добија суспензии се наоѓаат новинари на Њујорк Тајмс, Вашингтон Пост, Си-Ен-Ен и Гласот на Америка. Забранет е и официјалниот профил на Мастодон, социјална мрежа која последниве недели се наметнува како алтернатива на Твитер.

„Вестите за произволни суспензии на новинари на Твитер се загрижувачки. Медиумските закони на ЕУ и новите дигитални регулативи стапуваат на сила следната година и според нив неопходно е почитување на медиумските слободи и основните права. Илон Маск треба да биде свесен за тоа. Постојат црвени линии, а потоа и санкции“, напиша во твит еврокомесарката Вера Јурова, која ја предводи Унијата во сферата на вредности и транспарентност.

Твитер досега не даде објаснување на новинарите зошто нивните профили се забранети, а покрај блокадата на нивните профили ги нема и нивните стари твитови, но Маск на Твитер синоќа ги обвини дека тие споделувале приватни информации за неговата локација кои ги опиша како „речиси координати за ликвидација“. Тој сепак не даде никакви докази за овие негови тврдења.

Портпаролот на Њујорк Тајмс овие суспензии ги нарече „сомнителни и несреќни“ и посочи дека ниту медиумот ниту нивниот новинар Рајан Мак добиле било какво известување за ваквиот потег.

Од Си-Ен-Ен овој чекор го нарекоа „импулсивна и неправедна суспензија на многу новинари“ и дека тоа е „загрижувачки, но не и изненадувачки“. Тие побарале објаснување од Твитер за суспензијата и навеле дека според нивниот одговор тие ќе го реевалуираат односот со социјалната мрежа.

Реакција испрати и германската влада преку министерството за надворешни работи кои рекоа дека „слободата на медиумите не може да биде вклучувана и исклучувана по нечија волја“.

Ненадејната суспензија на новинарите следеше откако Маск во средата одлучи трајно да се забрани профил кој автоматски го следеше движењето на неговиот приватен авион со помош на јавно достапни податоци. Ова водеше до промена на политиките на Твитер според кој сега се забранува споделување на локацијата на лице во живо без негова согласност.

Дел од суспендираните новинари пишуваа за оваа нова политика на Маск и причините за нејзиното воведување. Засега не е позната причината за забраната на официјалниот профил на платформата Мастодон, иако и на неа можеа да се најдат твитови со содржини поврзани со профилот кој го следеше приватниот авион на милијардерот.