Твитер го суспендираше профилот кој му го следеше приватниот авион на Илон Маск

Илон Маск најави дека покренува тужба против лицето кое го направи Твитер профилот кој автоматски му го следи приватниот авион, со тврдење дека таквото следење го доведува во ризик неговиот син.

Профилот @ElonJet, кој има повеќе од половина милион следбеници, вчера беше суспендиран од социјалната мрежа.

Сопственикот на профилот, 20-годишниот Џек Свини, користи јавно достапни информации за следење на движењето на авионите и испраќа твит секој пат кога Маск полетува или слетува на некоја локација.

„Синоќа колата во која се возеше мојот син во Лос Анџелес беше следена од луд демнач (мислејќи дека јас сум во возилото), кој потоа ја блокирал колата и се качил на хаубата“, напиша Маск на Твитер.

Тој истовремено вели дека секој профил кој ја открива локацијата на луѓето во реално време во иднина ќе биде суспендиран од платформата, бидејќи, според него, тоа претставувало кршење на физичката безбедност.

Свини за Би-Би-Си изјавил дека нема никаква поврзаност помеѓу инцидентот и неговиот твитер-профил.

Вчера профилот на Свини беше суспендиран, па повторно активиран, но во моментов повторно е недостапен. Свини за Си-Ен-Ен сподели скриншот од порака која ја добил од Твитер во која стои дека социјалната мрежа спровела „внимателна проверка“ и одлучила трајно да го забрани профилот поради кршење на Твитер правилата.

Студентот има уште десетици други профили кои ги следат приватните летови на богатите Американци, меѓу нив и сопствениците на Мајкрософт, Амазон и Мета, Бил Гејтс, Џеф Безос и Марк Закерберг. Многу од овие профили, меѓу нив и еден кој го следеше рускиот претседател Владимир Путин, се суспендирани од Твитер во текот на вчерашниот ден.

Маск долго време имаше поплаки поради профилот @ElonJet и во една прилика директно му понудил 5.000 долари на Свини за да го избрише. Пред само еден месец Маск, како сопственик на Твитер, најави дека и покрај тоа што профилот претставува директен личен ризик, тој и понатаму ќе продолжи да постои.

Но, вчера милијардерот во порака на платформата најави дека го променил мислењето.

„Секој профил кој следи нечија локација во вистинско време ќе биде суспендиран, бидејќи е нарушување на физичката безбедност. Ова вклучува и објавување на линкови до сајтови каде се споделува локација која следи во реално време“, напиша Маск.

Центарот за поддршка на Твитер објави променети правила во кои се вклучени овие измени.

Тинејџерот кој го следеше приватниот авион на Илон Маск, сега ги следи руските олигарси