Твитер ќе изгуби 32 милиони корисници за две години по преземањето на Илон Маск, покажува нова анализа

Повеќе од 30 милиони корисници се очекува да го напуштат Твитер во следните две години откако се зголеми загриженоста околу техничките проблеми, како и ширење на негативни содржини по купувањето на социјалната мрежа од Илон Маск, покажува нова анализа.

Месечниот број на корисници на глобално ниво се очекува да падне за 4% следната година и за уште 5% во 2024 година, што би претставувало повеќе од 32 милиони корисници вкупно. Ова е прва годишна прогноза за опаѓање на платформата според агенцијата за истражување на пазарот „Инсајдер Интелиџенс“ откако започнале да ја следат социјалната мрежа во 2008 година.

„Нема да има еден катастрофален настан кој ќе му стави крај на Твитер. Наместо тоа, корисниците ќе започнат да ја напуштаат платформата следната година откако ќе пораснат фрустрациите со технички проблеми и ширење на говор на омраза и друг вид невкусни содржини. Главниот костур на вработените на Твитер, дури и со интензивна работа, нема да можат да се справат со инфраструктурата на платформата и проблемите со модерирање на содржините“, објаснува главната аналитичарка на „Инсајдер Интелиџенс“, Јасмин Енберг.

Нејзината анализа проценува дека најголемиот број од загубените корисници ќе бидат во САД, најголемиот пазар на Твитер. Се очекува таму да опадне бројот на корисниците за 8,2 милиони во следните две години.

Според анализата, иако напуштањето на платформата би се случило низ сите возрасни категории, најголема концентрација на оние што би заминале од социјалната мрежа ќе биде кај оние под 25 години и оние над 45 години, кои според Енберг „не се многу лојални и многу помалку толерираат деградирачко искуство“.

Дополнително, прогнозите покажуваат дека рекламирањето на Твитер ќе се намали од проценетите +22% во 2023 и +16% во 2024 на речиси 0% бидејќи огласувачите ќе се повлечат од мрежата и ќе ги паузираат или запрат рекламите поради растечките проблеми на платформата.

„Главниот фокус на Маск во 2023 ќе биде рестартирање на машината за рекламирање на Твитер, по загубата на голем дел од најголемите огласувачи и долгата опашка на други огласувачи кои тивко ја напуштаат платформата“, се наведува во анализата.

Вчера Твитер ненадејно го распушти советот за доверба и безбедност на компанијата, што беше советодавна група на скоро 100 независни граѓански организации за човекови права и други области која беше формирана во 2016 година за да се адресира говорот на омраза, детската злоупотреба, самоубиството, самоповредувањето и други проблеми на платформата.