Илон Маск ќе се повлече од функцијата директор на Твитер веднаш штом најде замена

Илон Маск изјави дека ќе се повлече од функцијата извршен директор на Твитер штом најде замена, јавува „Би-Би-Си“.

Милијардерот рекол дека тоа ќе го направи веднаш штом најде некој „доволно глупав да ја прифати работата“. Тој изјавил дека и покрај повлекувањето од оваа позиција, ќе продолжи да работи со тимовите за софтвер.

Тој го исполни ветувањето дека ќе се повлече доколку корисниците изгласаат така на јавната анкета. 57,5% од корисниците што ја пополниле анкетата гласаа тој да си замине од функцијата.

Откако Маск ја купи платформата во октомври годинава, тој отпушти половина од вработените и се обиде да ја внесе опцијата за верификација на Твитер со платена цена.

Здруженијата за човекови права го критикуваа неговиот обид за уредување на содржините на Твитер и го обвинија дека ќе го зголеми говорот на омраза и дезинформации на мрежата.

Во петокот, Маск се соочи со осуди од Обединетите нации и Европската Унија за неговата одлука да ги суспендира профилите на некои од новинарите што известуваат за него.

Според Маск, да се најде нов директор ќе биде вистински предизвик.

„Никој не ја сака работата што може да го одржи Твитер во живот“, напиша тој на Твитер по објавувањето на анкетата. Засега постојат шпекулации дека е можно Џек Дорси да се врати на позицијата да ја води компанијата што ја напушти во ноември 2021 година.