Твитер ги врати суспендираните профили на новинарите кои известуваа за Илон Маск

Сопственикот на Твитер, Илон Маск изјави дека ќе им ги врати профилите на новинарите кои ги суспендираше од социјалната платформа, јавува „Би-Би-Си“.

Новинари на Њујорк Тајмс, Си-Ен-Ен и Вашингтон пост беа меѓу оние чии профили беа блокирани од платформата со обвинение дека споделуваат податоци за него и за неговата локација.

Но среде големите критики, Маск постави отворено прашање до корисниците на мрежата за тоа што да прави следно. 59% од 3,6 милиони корисници кои учествуваа во анкетата одговорија да им се вратат профилите на новинарите.

„Луѓето проговорија. На профилите што ја објавија мојата локација ќе им се укине суспензијата“, напиша тој на Твитер.

За забраната реагираа и од Европската Унија и од Обединетите нации од каде упатија закани со санкции кон Маск.

Сепак и покрај оваа изјава на милијардерот, еден профил останува суспендиран. Станува збор за профилот @EltonJet чиј сопственик е Џек Свини кој користел јавно достапни информации за следење на лет за да објави секогаш кога полетува и слетува авионот на Маск.

Маск го обвинил  профилот за инцидент во кој сопственикот го следел неговиот син додека патувал со автомобил.

По ова се ажурираше и политиката на приватност на Твитер. Сега корисниците не смеат да објавуваат или реобјавуваат приватни податоци за други без нивно овластување и дозвола.

По преземањето на платформата, Маск направи многу промени. Тој ги реактивираше профилите на поранешниот американски претседател Доналд Трамп што беше забранет по немирите во Капитол на 6 јануари 2021 година.

Според Њујорк Тајмс, директорот на Тесла освен што го намали вработениот персонал на компанијата, престанал да плаќа кирија за некои од канцелариите, вклучувајќи го и седиштето во Сан Франциско.