Земјотресот во Турција и Сирија е најсмртоносен во последната деценија – досега загинале над 9.500 лица

Бројот на загинати од земјотресот во јужна Турција и северна Сирија се искачи над 9.500, што го прави најсмртоносниот сеизмички настан во повеќе од една деценија, јавува Асошиејтед прес.

Турските власти денеска го ажурираа бројот на загинати во земјата на 7.108. Во соседна Сирија, владата објави дека досега загинале најмалку 1.250 лица во областите што ги контролира. Организацијата „Бели шлемови“, кои се одговорни во енклава под контрола на бунтовниците, пријавија 1.280 смртни случаи.

Повеќе од 30.000 луѓе се повредени, а властите очекуваат дека бројот на загинати ќе продолжи да се зголемува додека спасувачите брзаат да извлечат преживеани од урнатините во градовите и населбите низ пошироките области.

Во Турција моментално има околу 60.000 лица кои помагаат на терен, но поради големите штети, многумина сè уште чекаат помош.

Во 2011 година, земјотрес со јачина од 9 степени во близина на североисточниот брег на Јапонија предизвика цунами, при што загинаа речиси 20.000 луѓе. Во земјотресот со јачина од 7.8 степени во Непал во 2015 година загинаа повеќе од 8.800 луѓе.