Стотици загинати во силен земјотрес во Турција и Сирија, се стравува дека бројката на жртви ќе расте

Повеќе од 300 луѓе загинаа во Турција и Сирија откако земјотрес со јачина од 7,8 степени ги погоди овие две држави утрово во еден од најсилните потреси кои го зафатиле регионот последните 100 години, пренесе Гардијан.

Уште стотици луѓе се повредени додека бројот на жртви се очекува да расте додека итните служби и локалните жители се во потрага по преживеани лица под рушевините во градовите од двете страни на границата.

Телевизиските снимки покажуваат шокирани луѓе кои стојат во снегот во нивните пижами, гледајќи ги спасувачките екипи кои копаат низ урнатините на уништените домови.

Земјотресот се случил во 4:17 часот по локално време на длабочина од 17,9 километри, а уште еден земјотрес со јачина од 6,7 степени следел 15 минути подоцна. Турското министерство за итни состојби соопшти дека најмалку 76 лица загинале, а стотици други се повредени. Според нив земјотресот првично ги погодил градовите Пазарџик, кој се наоѓа северно од Газиантеп, еден од најголемите индустриски градови во јужна Турција. Градот Нурдаги, пак, бил епицентарот на вториот земјотрес.

Од Министерството за здравство на Сирија информираа дека најмалку 245 луѓе загинале, а стотици се повредени во провинциите на Алепо, Латакиа, Хама и Тартус.

Сепак бројот на жртви се очекува значително да порасне, бидејќи десетици станбени комплекси се срушени во големи градови во текот на ноќта, додека најголемиот број од жителите спиеле.

Турција е една од најактивните сеизмички региони во светот, поради тоа што нејзината територија се протега по должината на северноанадолискиот расед, кој предизвикува големи и деструктивни земјотреси.

Во 1999 година градот Измит и околниот регион Кочаели, во близина на Истанбул, беа погодени од земјотрес со јачина од 7,4 степени. Во тој земјотрес загинаа преку 17.000 луѓе и беше предизвикана огромна материјална штета.

Експертите подолго време предупредуваат дека голем земјотрес може да го разурне Истанбул поради големиот урбанистички бум без соодветни безбедносни мерки на претпазливост.