Градоначалникот на Истанбул осуден на затворска казна поради навреда на турски функционери

Судот во Турција вчера го осуди градоначалникот на Истанбул, најнаселениот град во земјата, на две години и седум месеци затвор под обвинение за навреда на членовите на Врховниот изборен совет на Турција, јавува Евроњуз.

Судот го осуди градоначалникот Екрем Имамоглу и му воведе политичка забрана што може да доведе до негово отстранување од функцијата. Имамоглу, кој припаѓа на главната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП) се очекува да поднесе жалба на пресудата.

Критичарите тврдеа дека судењето на градоначалникот е обид да се елиминира клучниот противник на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Во Турција треба да се одржат претседателски и парламентарни избори во јуни.

Имамоглу беше избран да го води Истанбул во март 2019 година. Неговата победа беше историски удар за Ердоган и Партијата на правдата и развојот (АКП) на претседателот, која го контролираше Истанбул четвртина век. Партијата се залагаше за поништување на резултатите од општинските избори во градот, тврдејќи дека има нерегуларности.

Предизвикот резултираше со повторување на изборите неколку месеци подоцна, на кои исто така победи Имамоглу.

Имамоглу е казнет за навреда на високи јавни функционери кога беше обвинет дека изјавил дека оние кои ги поништиле локалните избори во 2019 година се „будали“.

Градоначалникот негираше дека ги навредил членовите на избирачкиот совет, инсистирајќи дека неговите зборови се одговор на министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу, нарекувајаќи го „будала“ и го обвини Имамоглу дека ја критикувал Турција за време на посетата на Европскиот парламент.

Илјадници луѓе се собраа пред зградата на општината за да ја осудат пресудата против популарниот градоначалник.