Илјадници лица протестираат во Истанбул поради политичкото апсење на градоначалникот

Илјадници лица се собраа пред општинската зграда во Истанбул во знак на протест против апсењето и политичката забрана врз истанбулскиот градоначалник Екрем Имамоглу, кој е осуден на затворска казна од две години и седум месеци, јавува „Euronews“. Протестот се одвива веќе неколку дена.

Судот го осуди градоначалникот Екрем Имамоглу и му воведе политичка забрана што може да доведе до негово отстранување од функцијата. Имамоглу, кој припаѓа на главната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП) се очекува да поднесе жалба на пресудата.

Критичарите тврдеа дека судењето на градоначалникот е обид да се елиминира клучниот противник на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Во Турција треба да се одржат претседателски и парламентарни избори во јуни.

Претходно неделава, турскиот суд го прогласи Имамоглу за виновен поради навредување на јавни функционери во својот победнички говор во 2019 година.

Победата на Имамоглу во 2019 беше сериозен удар врз партијата на претседателот Реџеп Таип Ердоган, чија партија и претставници имаа контрола врз Истанбул повеќе од две децении.

Ердоган побара да се поништат локалните избори и одново да се гласа за нов градоначалник, но и во вториот круг од изборите победата остана во рацете на Имамоглу.

Лидерите и претставници од шест опозициски партии во земјата учествуваа во протестите кои започнаа во четвртокот во Истанбул.

Судската одлука исто така беше критикувана од „Human Rights Watch“, од каде ја опишаа пресудата како „правен апсурд и напад на демократскиот процес“  како и „неправеден и политички калкулиран напад на турската политичка опозиција“.

Граѓанската организација истовремено ги осуди турските власти поради злоупотреба на судовите за да се замолчат главните опозициски фигури во земјата.

Моментално, Имагоглу се уште е на позиција, додека повисоките судови ја прегледуваат пресудата. Неговиот план е да ја обжали пресудата, за која смета дека е казна поради неговиот успех.

Градоначалникот на Истанбул осуден на затворска казна поради навреда на турски функционери