Министерството за здравство објави јавен повик за здравствени работници за медицинска помош во Турција

Министерот за здравство Беким Сали денеска објави јавен повик за здравствени работници за медицинска помош во Турција, која вчера беше погодена од разорен земјотрес.

Сали на неговиот Фејсбук профил напиша дека знаењето и искуството на здравствените работници во областа на медицината е непроценливо, а секоја помош во вакви случаи добредојдена.

„Доколку сте заинтересирани да учествувате, пополнете го формуларот на линкот подолу, а ние ќе обезбедиме дополнителна логистика. Ве повикувам да ни се придружите и да ја покажеме нашата солидарност и знаење со цел да им помогнеме на тие на кои им е навистина потребно“, пишува во објавата на Сали.

Формуларот може да се најде на следниов ЛИНК.

Претходно помош за Турција обезбедија неколку општини од земјава, а Владата донесе одлука да испрати парична и хуманитарна помош, припадници на армијата и тимови за заштита и спасување, како и лекари и медицински средства за Турција.