МЗ: Ќе се обезбедуваат средства за набавка на лекот за цистична фиброза

Министерот за здравство Беким Сали на вчерашната владина седница дал предлог за обезбедување на финансиски средства за лекот Трикафта за пациентите со цистична фиброза.

Како што информираат од Министерството за здравство (МЗ) набавката на лекот ќе се одвива во неколку фази за одреден број пациенти.

„Во рамки на првата фаза, се очекува во текот на утрешниот ден да биде донесена одлука за обезбедување средства за лекот Трикафта за 30 пациенти со цистична фиброза“, соопштија оттаму.

Болните од цистична фиброза минатата недела најавија протест пред Владата со цел да алармираат за потребата од лекот и постоечката терапија која постојано доцни.

„Нашата борба продолжува во надеж дека ќе се ослободат нашите бели дробови од бодликавата жица и ќе пораснат 65 рози. Нашата борба продолжува во надеж дека ЦФ ќе значи целосно функционални наместо цистична фиброза“, се вели во најавата за протестот од Асоцијацијата за цистична фиброза.

Асоцијацијата одржа протест и во декември минатата година кога порача дека здравјето и животот на група млади луѓе се нешто на кое не смее да се става цена и не смее да се игнорира.

Болните од цистична фиброза на нов протест на 4 февруари пред Владата