Приходите од реклами на Твитер се намалиле за 40% откако многу компании го паузираа рекламирањето

Кризата во Твитер продолжува откако новите извештаи покажуваат дека рекламите на платформата забележале пад од 40%, откако повеќе од 500 клиенти ги паузираа нивните реклами по преземањето на социјалната мрежа од Илон Маск, пренесува Гардијан.

Рекламите се главниот извор на приходи на Твитер и сочинуваат повеќе од 90% од вкупните приходи од 5,1 милијарди долари кои ги забележале во 2021 година. Меѓу клиентите кои ги имаат паузирано своите рекламни кампањи на платформата се и автомобилскиот гигант ауди и фармацевтската компанија Фајзер.

Ваквото губење на клиентите започна по стравувањата дека ќе се зголеми количината на говор на омраза на социјалната мрежа по нејзиното преземање од мултимилијардерот Илон Маск, кој самиот се имаше наречено „апсолутист во слободата на говор“. Дополнителен проблем за огласувачите предизвика и растот на лажни профили кои ги имитираа познатите компании и личности по лансирањето на Твитер претплатата со која можеше да се купи верификационен беџ на платформата.

Според медиумските извештаи, менаџер од Твитер на вработените им кажал дека вчера средствата од дневно рекламирање биле за 40% пониски од истиот ден минатата година.

Овие информации доаѓаат откако Фајненшл Тајмс објави дека Твитер треба да почне да го исплаќа долгот од скоро 13 милијарди долари до крајот на овој месец, а Маск планира да продаде уште од неговите акции во Тесла, или пак да ја стави социјалната мрежа во процес на заштита од банкрот. Маск минатата година продаде акции на Тесла во вредност од повеќе од 20 милијарди долари со цел да го финансира купувањето на Твитер.