Тројца научници ја добија Нобеловата награда за физика за квантна информациска наука

Ален Аспект, Џон Ф. Клаусер и Антон Зелингер се добитници на Нобеловата награда за физика за 2022 година поради нивните истражувања со квантното испреплетување, соопштија од Нобеловиот комитет.

Тие ова признание го добиваат за „експериментите со испреплетувањето на фотоните, утврдување на нарушувањата на Беловите нееднаквости и пионерските чекори во квантната информациска наука“.

Експериментите со квантното испреплетување, каде две честички се однесуваат како една целина дури и кога се раздвоени, овозможија развој на нова технологија базирана на квантна информација.

„Ефектите на квантната механика започнуваат да наоѓаат своја примена. Сега постои широко поле на истражувања кои користат квантни компјутери, квантни мрежи и безбедни квантни енкриптирани комуникации. Еден од главните фактори на овој развој е тоа како квантната механика дозволува две или повеќе честички да постојат во она што е наречено „испреплетена состојба“. Она што се случува на една од честичките во испреплетениот пар одредува и она што ќе се случи на другата честичка, дури и ако се многу далеку“, наведуваат од Нобеловиот комитет.

Долги години во научната заедница постоеше прашање за тоа дали оваа корелација е поради тоа што испреплетените честички содржат скриени варијабли – инструкции кои им кажуваат кој резултат треба да го дадат во експеримен. Во 1960-тите години, Џон Стјуарт Бел ја создаде математичката нееднаквост која е наречена по него. Според неа, дури и доколку постојат скриени варијабли, корелацијата помеѓу резултатите во голем број мерења никогаш нема да надминува одредена вредност. Сепак, квантната механика предвидува дека одреден тип експерименти можат да ја нарушат оваа Белова нееднаквост, што пак резултира со посилна корелација отколку што би било случај според Беловата нееднаквост.

Тројцата физичари покрај признанието ќе поделат и парична награда од 10 милиони шведски круни, односно околу 1 милион евра.