Научниците од ЦЕРН открија три нови „егзотични“ субатомски честички

Научниците од Европската организација за нуклеарни истражувања (ЦЕРН) велат дека за првпат регистрирале три нови честички и дека овие сознанија се „неверојатен чекор напред“ во нашето разбирање на Универзумот.

Новите честички кои се откриени се „пентакварк“ и пар на „тетракваркови“, кои биле забележани со надградениот Голем хадронски судирач (ЛХЦ), кој продолжи со работа по три години пауза поради надградба на неговите инструменти. Новиот ЛХЦ сега на научниците им овозможува да анализираат 20 пати повеќе судирања на субатомско ниво од претходно.

„Откритието ќе им помогне на теоретичарите да развијат унифициран модел на егзотичните хадрони, нешто што во моментов во голем дел е непознато“, објаснува Крис Паркс, портпарол за ЛХЦб, експеримент преку кој научниците се обидуваат да истражат што се случило веднаш по Биг Бенг, односно почетокот на Универзумот.

Фото: ЦЕРН

„Сведоци сме на период на откритија сличен на оној во 1950-тите години, кога цела „зоолошка градина честички“ од хадрони започна да се открива и најпосле водеше кон модел на конвенционални хадрони во 1960-тите. Ние сега создаваме „золошка градина честички“ втор дел“, објаснува координаторот за физика на ЛХЦб, Нилс Тунинг.

Кваркот е електрон кој не може да се раздели на помали честички. Вообичаено се спојуваат во групи од два или три кварка за да формираат хадрони, како што се протоните и неутроните, кои го сочинуваат атомското јадро – основниот темел на Универзумот. Овие честички вообичаено се распаѓаат многу брзо и биле исклучително тешки за да се регистрираат пред надградбата на Големиот хадронски судирач.

Новиот, подобрен ЛХЦ ќе работи нон-стоп следните четири години.

„Колку повеќе анализи ќе направиме, толку повеќе егзотични хадрони ќе најдеме“, објаснува Тунинг.

Научниците се надеваат дека овој акцелератор на честички ќе им помогне да добијат нови информации за Темната материја. ЦЕРН исто така сака да открие повеќе сознанија околу процесите на настанување и исчезнување на малите честички кои ја создаваат материјата и антиматеријата во ЛХЦ.