Тројца научници ја добија Нобеловата награда за развивање на клик и биоорогоналната хемија

Керолин Р. Бертоци, Мортен Мелдал и К. Бери Шарплес се овогодишните добитници на Нобеловата награда за хемија за олеснување на комплицираните хемиски процеси.

Според Нобеловиот комитет, тројцата научници ја добиваат наградата поради „развојот на клик хемијата и биоорогоналната хемија“.

„Хемичарите долго време беа мотивирани од нивната желба да изградат исклучително комплицирани молекули. Во фармацевтските истражувања, ова често вклучуваше вештачко рекреирање на природни молекули со медицински својства. Ова водеше до многу важни молекуларни конструкции, но тие најчесто се многу скапи и одземаат многу време за производство. Овогодишната награда за хемија се справува со овој проблем без да ги направи работите премногу комплицирани и наместо тоа работи со она што е едноставно и лесно. Функционални молекули можат да се изградат дури и преку едноставни правци“, стои во образложението на Нобеловиот комитет.

Шарплес, кому ова му е втора Нобелова награда за хемија, го започнал целиот овој процес околу 2000-тата година, преку создавање на концептот на клик хемија, што е форма на едноставна и доверлива хемија, каде реакциите се случуваат брзо и се избегнуваат непосакувани споредни продукти. Нешто подоцна Мелдал и Шарплес независно еден од друг го презентирале клучниот елемент на клик хемијата – елегантна и ефикасна хемиска реакција која во моментов нашироко се користи. Помеѓу другите примени, овој метод се употребува во развој на лекови, мапирање на ДНК и создавање материјали кои подобро можат да послужат за одредена намена.

Бертоци, пак, ја однела хемијата на сосема друго ниво. Нејзината биоортогонална хемиска реакција сега се користи за истражување на клетки и следење на биолошки процеси. Преку оваа реакција, научниците успешно ги усовршат лековите против рак, кои сега се тестираат во клинички студии.