Жените во науката добиваат помалку признание за авторство отколку мажите

Нова студија покажува дека научнички добиваат помалку авторски признание при изработка на истражување споредено со нивните машки колеги дури и во областа на здравството каде што жените доминираат, пишува весникот „Гардијан“.

Овој родов јаз може да се објасни и со помош на документираните разлики во очигледните придонеси на научниците и научничките како што е случајот на Розалинд Френклин кога нејзиниот клучен придонес во откривањето на структурата на ДНК остана незабележан бидејќи таа не била цитирана во статијата на Џејмс Ватстон и Францис Крик (научниците познати по добивањето сознанија за ДНК).

„Ние веќе долго време знаеме дека бројот на жени што објавуваат или патентираат свои трудови е значително помал од бројот на мажи. Но, тоа е бидејќи претходните податоци никогаш не покажуваа кој се учествувал во истражувањата, а никој не знае зошто е тоа така?“, изјавила Џулија Лејн, профeсорка на Универзитетот Њујорк во САД и водач на истражувањето.

Таа и нејзините колеги анализирале административни податоци за истражувачки проекти од 52 универзитети во САД во периодот од 2013 до 2016 година. Според резултатите, разликата е видлива во здравството, но и во областите каде доминираат мажите, како инженерството и јазот е особено видлив во почетоците на кариерата. На пример, 15 од 100 жени со постдипломки биле именувани како автори на истражувачки проекти наспроти 21 од 100 постдипломци.

„Овој јас е силен, упорен и независен од полето на истражување. Се плашам дека ќе ги одврати младите девојки да се занимаваат со науката како кариера“, вели Лејн.

Во студијата се опфатени и анкети на над 2000 научници кои веќе имаат објавено свои научни трудови. Во анкетата ги прашуваат дали некогаш биле исклучени од трудот за којшто придонеле. Потврдно одговориле дури 43% жени и 38% мажи. Одговорите на прашањето зошто биле исклучени во најголем дел гласат дека другите го потцениле нивниот труд, но жените почесто одговараат дека истото се должи и на дискриминација или пристрасност, додека мажите поради ставот дека нивниот придонес не го гарантира авторството на трудот.