Царовска: Нови 224 милиони денари за модернизација на лабораториите на високообразовните и научни установи

За само три години буџетот за наука е зголемен за двојно и сега изнесува над 400 милиони денари, изјави министерката за образование и наука Мила Царовска на денешната конференција „Наука за развој, заедно е возможно“ на која се говореше за актуелните политики на државата за унапредување на научно – истражувачката дејност.

На настанот беа презентирани и резултатите од јавниот повик преку кој Министерството за образование и наука (МОН) доделува средства за унапредување на условите во лабораториите на високообразовните и научните установи.

„Обезбедивме низа можности за научниците кои во минатото не постоеја. Преку еден од повиците кои до неодамна беа активни, доделивме средства за поддршка и развој на лабораториската инфраструктура во рамки на научните и високообразовните установи, заради реализирање на проекти од посебен и јавен интерес. Прифатени се вкупно 44 апликации, од поднесени 67. Тоа се оние кои се најдобро рангирани според методологијата по која се водеше комисијата за рангирање. Се работи за тригодишни проекти во вкупна вредност од речиси 318 милиони денари, од кои МОН обезбедува 224 милиони, што значи, државата има 70% учество во финансирањето на проектите“, рече Царовска.

Министерката истакна дека се работи за средства кои се доделуваат за една од трите опции кои, како што рече, заедно со претставниците на научната и истражувачка фела беа договорени да бидат дел од јавниот повик. Појасни дека 5 апликации се за поддршка на формалното признавање на компетентноста на лабораториите, односно за акредитација на методи кои веќе се користат во работењето, 25 се однесуваат на одржување на техничката компетентност на лабораториите и воведување нови аналитички методи во работењето, додека 14 се апликации за средства за набавка на нова лабораториска опрема.

„Јас ви честитам и верувам дека оваа дополнителна поддршка Ви значи и ќе Ви помогне за реализација на проекти кои ќе бидат од особена важност за државата, што впрочем беше и еден од условите во повикот“, рече Царовска, обраќајќи им се на присутните професори и истражувачи на конференцијата, потенцирајќи дека и тие и институциите на системот имаат иста визија и заедничка цел – да се прошири потенцијалот на науката во Северна Македонија и таа да стане еден од клучните фактори на севкупниот општествено – економски напредок.

„Вака партнерски, најдобро се работи. Секоја добра идеја, вреди да се поддржи. Но, имаме и очекувања – средствата кои ги добивате да ги искористите правилно и да создадете резултати кои ќе го задоволат јавниот интерес“, додаде министерката.

На конференцијата предвидени се две панел дискусии посветени на вложувања во развој на науката и на апликативната наука. Покрај министерката Царовска, свое обраќање досега имаа и министерот за финансии Фатмир Бесими, претседателот на Националниот совет за високо образование, проф. д-р Тодор Серафимовски, а во текот на денот ќе се обрати и министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, како и претставници на неколку високообразовни установи.