Трет ден војна за превласт во Судан, досега убиени речиси 100 цивили

Низ Судан и во текот на ноќта продолжија жестоките борби помеѓу воените крила кои се борат за власт во земјата.

Насилството помеѓу официјалната армија и парамилитантната група наречена Сили за брза поддршка (РСФ) веќе трет ден беснее во африканската држава. Досега скоро 100 луѓе се убиени, а околу 1.000 лица се повредени, потврдија од Лекарскиот сојуз.

И двете страни тврдат дека ги контролираат клучните локации во главниот град Картум, додека жителите сведочат дека мораат да бараат засолниште од експлозии.

Лекарите предупредуваат дека ситуацијата во болниците низ Картум е исклучително тешка и дека борбите попречуваат лекарите и медицинските средства да стигнат до повредените лица.

Конфликтот е дел од долготрајната борба за власт во воениот врв на земјата. Предводниците на двете крила не се согласуваат по прашањето за транзиција кон цивилна власт во земјата. Судан е под власт на војската по пучот во кој беше соборен од власт долгогодишниот авторитарен претседател, Омар ал-Башир во 2019 година.

Борбите се одвиваат помеѓу регуларната војска под команда на генералот Абдел Фатах ал-Бурхан и РСФ, кои се поранешни припадници на милицијата во војната во Дарфур.

Меѓународната заедница повика на ставање крај на насилството. Водечките арапски држави и САД повикаа да продолжат преговорите за повторно воспоставување цивилна власт, додека од Африканската Унија најавија дека го испраќаат нивниот највисок дипломат, Муса Факи Махамат, со цел да се постигне примирје.

Од Централниот комитет на суданските лекари соопштија дека досега се убиени 97 цивили, а дополително има и десетици загинати војници.

Меѓу жртвите се и тројца вработени во Програмата за храна на Обединетите нации, кои доставуваат храна и помош на ранливи заедници, кои биле убиени откако РСФ и војската влегле во престрелка во воената база во Кабкабија, на западот од земјата.