Источна Украина остана без струја, откако руската војска им ги уништила електраните

Русија вчера ги нападнала електраните у други видови инфраструктура во Источна Украина што довело до тоа голем дел од територијата да остане без струја.

Вториот најголем град во Украина, Харков, синоќа останал без струја. Бомбардирањето предизвикало огромен пожар во електрана на периферијата на градот, а во нападот било убиено едно лице.

Улиците биле осветлени единствено преку светлата од автомобилите и луѓето кои го осветлувале патот преку блицот на нивните мобилни телефони. Покрај регионот околу Харков со недостаток на струја се соочил и Доњецкиот регион, а делумно без електрична енергија останале и делови од регионите Днепропетровск  Запорожје и Суми.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски нападите ги нарече „чин на тероризам“.

„Дали мислите дека можете да не уплашите, да не скршите, да не натерате да се повлечеме? Студот, гладот, темнината и жедта не не плашат толку колку вашето `пријателство и братство`. Но историјата ќе ги стави работите на свое место. И ние ќе имаме и гас и светло и вода и храна… но ќе бидеме без вас!“, рече Зеленски.

Паралелно, целосно била изгасната и нуклеарната централа „Запорожје“, со цел да се спречи евентуална радиоактивна катастрофа откако во близина се водат жестоки борби.

Во текот на ноќта струјата била вратена во дел од регионите. Според информациите, ниту едно од исклучувањата на струја не биле поради гасењето на нуклеарната централа во Запорожје.

Бомбардирањето на електраните доаѓа откако украинската војска претходниве денови изведе одлучен противнапад кој ги принуди руските војници да се повлечат од неколку стратешки важни позиции на источниот дел од Украина.

Според градоначалникот на Харков, Игор Тереков, нападот „е одмазда од рускиот агресор поради успесите на нашата армија на фронтот, особено во регионот Харков“.

Според украинската армија, тие успеале да вратат околу 3.000 километри квадрати територија окупирана од руските сили и додаваат дека се наоѓаат на околу 50 километри од руската граница.