Околу 10.000 луѓе присуствуваа на концерт во Берлин против војната во Украина

Околу 10.000 луѓе вчера присуствуваа на концерт во центарот на Берлин, каде што слушателите вееја украински знамиња или држеа транспаренти со слогани против руската инвазија, јавува „Ројтерс“.

Во близина на Брандербуршката порта, симбол на поделената Германија за време на Студената војна, многу изведувачи и посетители носеа нијанси на сина и жолта боја во знак на солидарност со Украина. Меѓу музичарите беше и Наталија Кличко, украинска пејачка која е во брак со градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко.

На концертот беше емитувана и видео порака на украинската пејачка Џамала која победи на Евровизија во 2016 година со песната „1944“. Во нејзината порака која беше емитувана на голем екран им порача на присутните дека „музиката е сила на мирот“.

„Мислам дека ако сите музичари се обединат, тоа би била најсилната мировна армија во светот“, рече Џамала.